Во Кочани уапсен Србин осуден на доживотен затвор во Италија
Ненад Врбановиќ е еден од четворицата браќа кои убивале, силувале и краделе во Италија
Српскиот државјанин Ненад Врбановиќ (41), член на познатиот крагуевачкиот клан, кој во 80-тите години од минатиот век сеел страв во Италија, е уапсен во Македонија. Врбановиќ, кого Италија го осуди на доживотен затвор поради серија убиства, силувања, киднапирања, разбојништва, шверц на оружје, насилство и кражби, се наоѓа во екстрадицискиот притвор во Скопје. Тој бил уапсен од кочанската полиција поради тешка кражба и обид да украде автомобил.
„Против него е поднесена кривична пријава. За апсењето ги информиравме судот и Министерството за правда за да преземат мерки, бидејќи лицето се бараше по меѓународна потреница од италијанскиот Интерпол за сторени повеќе кривична дела“, велат од МВР.
Според пишувањето на белградскиот печат, Врбановиќ бил уапсен во Италија во 1986 година. Деветнаесет години подоцна, побегнал од тамошниот затвор и повторно се вратил во родниот Крагуевац. Поради тешки кражби, таму бил уапсен и осуден на седум месеци затвор. Веднаш потоа, српското Министерство за правда ја прифатила пресудата од Италија, но само на 20 години затвор. Згора, на Врбановиќ му биле пресметани и 19 години што ги поминал во италијанските затвори, што ги налутило властите во Рим, кои повторно ја активирале потерницата по озлогласниот криминалец.
Ненад Врбановиќ е еден од четворицата браќа, кои биле страв и трепет во Ломбардија, поради што, италијанските медиуми ги нарекле „Браќата Далтон“. Браќата Врбановиќ оперирале во богати куќи, каде што со синџири ги врзувале домаќините. При секој најмал отпор, им пукале в глава на жртвите.
Најпознат од четворицата браќа е Љубиша Врбановиќ -Маноло, кој во Србија беше осуден на смртна казна со стрелање, за во 2000 година да биде помилуван, а пресудата да му биде преиначена на 40-години затвор, кои ги издржува во КПУ „Забела“, пишува „Блиц“. (Г.А.) |