Татко и двајца синови осудени за дрвокрадство
КУМАНОВО - Во Основниот суд во Куманово на по десет месеци затвор се осудени Џељал, Емруш и Севдаиљ Јахии за кривично дело шумска кражба на огревно дрво и попречување на службени лица во вршењето на нивната должност. Таткото Џељал и двајцата синови Емруш и Севдаиљ, според обвинителниот акт, на 22 јуни годинава во доцните вечерни часови биле запрени кај селските гробишта во селото Лопате близу Куманово со нивниот камион натоварен со огревно дрво што имале намера да го продадат на кумановскиот пазар на диво. При обидот на четворицата шумски полицајци да ги легитимираат, обвинетите се спротивставиле со вербални закани и се обиделе физички да се пресметаат. Еден од обвинетите во расправијата му го одзел и го скршил фотоапаратот на еден од полицајците со цел да го уништи доказниот материјал. На тројцата осудени им е укината мерката притвор и до правосилноста на пресудата ќе се бранат од слобода. На излегување од судницата, еден од роднините на осудените се закануваше со физичка пресметка. (Ст.Б.) |