Омбудсманот бара згрижување и лекување на децата- зависници
Со оглед на тоа дека се намалува старосната граница на зависниците и се' поголем е бројот на деца кои користат дрога, неопходно е отворање повеќе центри за нивно третирање, подобрување на условите за работа и за престој во постојните установи, како и создавање услови за почитување и заштита на човековите права. Ова е ставот на народниот правобранител, кој по пишувањето на „Утрински весник“ за се' поголемиот број малолетници кои се дрогираат на улиците и по парковите во центарот на Скопје, испрати писма до надлежните институции од кои бара да биде известен за мерките што ќе се преземат за надминување на овој проблем. Омбудсманот препорачува да се предвидат едукативни програми во училиштата заради спречување и намалување на бројот на децата-зависници од дрога.
Како што веќе објавивме, дваесетина деца во Скопје на возраст од 4 до 14 години се регистрирани од страна на социјалните работници дека вдишуваат лепак и бронза. Станува збор за улични деца, кои откако краткотрајно биле згрижени во институциите, повторно им се вратиле на старите пороци. Со цел да го реши проблемот со уличните деца, полицијата викендов ја продолжи акцијата „Питачење“. На скопските раскрсници викендов биле затекнати 23 лица како питаат или бришат ветробрански стакла. Досега во полиција се спроведени 87 лица, од кои 46 возрасни и 41 малолетно лице. Против родителите на децата ќе бидат поднесени прекршочни пријави, а уличните деца ќе бидат згрижени. (Д.Т.) |