Кирил Тодоровски ќе се брани од слобода
Кривичниот судски совет на Одделението за огранизиран криминал при Основниот суд Скопје 1 на седница во петокот попладне донел одлука со која се прифаќаат гаранциите во недвижен имот кои беа понудени за градоначалникот на Општина Аеродром, Кирил Тодоровски, и за началникот за урбанизам, Сашо Стојчески. Формалното решение судот го достави до странките вчера, а сега се чека понудените гаранции да бидат доставени до судот.
И покрај донесената одлука за ослободување на Тодоровски и на Стојчески, тие уште неколку дена ќе причекаат на нивно пуштање од притвор. Имено, во законски предвиден рок ќе треба да се причека на евентуална жалба на Јавното обвинителство, која доколку уследи ќе треба да биде разгледувана од Кривичниот совет на скопскиот Кривичен суд.
Ангела Зафировска, Рената Саздовска-Колева и Петар Гајдов, исто така обвинети за злосторничко здружување и за примање поткуп, куќниот притвор пред повеќе од еден месец го заменија со одбрана од слобода. Сега со ваква можност се стекнаа и Тодоровски и Стојчески. Роднините на Тодоровски се задоволни од одлуката на Кривичниот совет, со оглед на тоа дека тој веќе подолго време има здравствени проблеми. (Љ.С.) |