Број 3146  петок, 27 ноември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Site Meter
Политика

Втора жртва на новиот грип

Пациентот починал на КАРИЛ, па не е исклучено пандемскиот грип да е влезен и меѓу болните на клиниките

Јасмина Јовановска

Новиот грип ја зеде и втората жртва. Тоа е 72-годишен маж од Скопје, кој по неколкудневно лекување на неколку клиники и по влошување на здравствената состојба завршил на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), починал пред три дена. Поради тоа што пациентот бил шетан на неколку клиники во потрага по дијагноза, не е исклучено од пандемски грип да се заразени и други болни на клиниките. Уште еден пациент што бил сместен на КАРИЛ веќе е префрлен да се лекува на Инфективната клиника, поради сомневање дека и тој заболел од новиот грип. Не е исклучено да има и други заразени болни.

Починатиот пациент со години бил болен од хронично заболување на белите дробови (ХОББ) и со срцева слабост, поради што како нивен пациент првично бил сместен на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, со индикација дека му се влошила болеста. Откако по препишаната терапија не му се подобрила состојбата болниот бил префрлен на Клиниката за пулмологија. Но, и овде многу не му помогнале по што болниот западнал во многу тешка состојба и во саботата бил итно префрлен на КАРИЛ каде што го поставиле на апарати за вештачко дишење. Дури по два дена, во понеделникот, му бил земен брис за новиот грип. Но, за жал, пациентот починал попладнето, без да се знае дека се заразил со новиот грип. „Два дена подоцна се дозна дека починатиот бил болен од новиот грип, зошто тогаш се добиени резултатите и затоа дури сега се соопштува за втората жртва на новиот грип“, објаснува д-р Јованка Костовска, претседателка на Комисијата за пандемски грип. Таа тврди дека се преземени сите мерки за дезинфекција на клиниките каде што престојувал болниот, но дури два дена по неговата смрт кога биле готови резултатите од лабораториското испитување. Изолирани се и пациентите што биле во контакт со починатиот и на нив им се земени брисеви за пандемски грип. На пациентите од ризичните групи и за други болни за кои имало потреба даден им е антивирусниот лек „тамифлу“.

Комисијата допрва ќе испитува дали пациентот починал поради тоа што не бил соодветно лекуван, со оглед на тоа што никој од лекарите не помислил дека може да има и грип. „Апелираме до лекарите од клиниките кога ги лекуваат болните да помислат и на тоа дека може да се заразени и од пандемски грип“, укажува д-р Костовска.

На Инфективната клиника вчера се примени шест нови сомнителни случаи, од кои едниот од нив е болниот од КАРИЛ. Заедно со него и со 55-годишната жена на клиниката моментно има двајца пациенти што се во критична состојба и се приклучени на респиратор. Моментно на клиниката се лекуваат околу седумдесетина пациенти. Досега во Македонија се регистрирани 694 заболени од новиот грип, од кои 90 отсто се излекувани.

Во меѓувреме, вакцинирањето на здравствените работници продолжува и покрај тоа што кај некои лекари има отпор. На прашањето зошто се врши притисок врз лекарите да потпишат изјави дека одбиваат да се вакцинираат и оти трошоците за евентуалното боледување нема да им го плати болницата каде што се вработени, министерот за здравство Бујар Османи вели дека е многу логично да се бара изјава, но не е сигурен дека е во таква форма. Директорот на Инфективната клиника, д-р Звонко Миленковиќ, пак, не беше прецизен дали во изјавата што ја потпишуваат лекарите е наведено оти трошоците за боледувањето ќе си ги платат сами, туку само дека им е укажано кои се последиците доколку не се вакцинираат. Досега, според министерот, во државата се вакцинирани над 500 лекари, и тој се надева дека вакцинацијата кај здравствените работници ќе се интензивира во наредниот период, зошто заклучок на комисијата е дека вакцинирањето е најефикасниот начин за борба против оваа пандемија.

На Министерството за здравство никако да му тргне со регуларната набавка за вакцините против новиот грип. Поради несигурноста дали добавувачот „Кемофарм“ навреме ќе ги донесе бараните количества, министерот Османи моли за вакцина повеќе во европските земји. „Дваесет илјади дози вакцини се директно набавени од фармацевтската компанија ’Бакстер‘ по цена од 9,5 евра и тие во Македонија ќе пристигнат за неколку дена“, изјави министерот Османи, кој потенцира дека станува збор за една од најсоодветните вакцини токму за ризичните групи. Вакцината не содржи подлога ниту, пак, жива. „Набавени се со помош на лобирање во некои европски земји“, рече Османи.

Прашање е на денови, укажа министерот за здравство, кога ќе пристигнат вакцините и во заводите, односно центрите за јавно здравје каде што треба да се јават граѓаните од ризичните групи за да се вакцинираат. Тоа се децата до возраст од 36 месеци, хронично болните и бремените жени.

Комисијата с е' уште се колеба дали да ја поништи одлуката од тендерот за вакцините нарачани од „Новартис“. Комисијата, како што објасни министерот Османи, не постигнала консензус и побарала дополнително неколку дена да се утврди кој ќе биде одѕивот и заинтересираноста на граѓаните за вакцинација, па да одлучи што ќе прави.

„Битно е во секој момент да има вакцини. Сега се трошат 5.000 дози, а има и други алтернативни опции за дополнителни 20.000 дози. Ќе има вакцини за сите што ќе сакаат да се вакцинираат“, уверува првиот лекар во државата и додава дека динамиката на испорака е многу битна. Вакцинацијата е најефикасен начин за заштита на граѓаните, посочи Османи. (Ј.Ј.)


#
Статијата е прочитана 1042 пати.

Испрати коментар

Од: Skratchy
��атум: 26.11.2009 20:19:44
НЕ Е ВТОР СЛУЧАЈ!!!!. Сигурно најмалку трет (првиот/та е пред 2 недели и не е починат на Инфективна клиника). Аман де како ги лиферуваат податоците. Проверете ги податоците посигурно!!!! И ќе има починати и лани умираа од компликации од грип. Не кревајте поголема паника!
Од: Граѓанин
Датум: 27.11.2009 01:11:25
Никако да прочитам информација за: 1. Колку респиратори има во Македонија? На пр. во Србија која има 7,5 милиони жители имаат над 600 (стационарни и транспортни) и нарачале уште 64. Бидејќи поради новиот грип пациентите не така ретко мораат да се приклучат на овие апарати, јавноста би требало да знае. 2. Ќе го соопштат ли барем по некое време процентот на смртност од новиот грип во Македонија? Грипот се уште не се раширил, тоа допрва се очекува, а веќе има два смртни случаи и еден пациент во многу тешка состојба. Да знаеме дека можеме да им веруваме на лекарите и здравството кај нас :)
Од: no name
Датум: 27.11.2009 09:30:32
А како да не се прошири инфекцијата низ другите клиники кога пациентите од инфективна клиника, за кои со сигурност се знае се позитивни на новиот грип, се праќаат на снимање на радиологија, понатаму се препраќаат на ургентна за да се прочитаат сликите , па пак се враќаат на инфективна за да се види дали ќе се задржат. Во меѓувреме тие пациенти прво се среќаваат со многу високо ризични групи на радиологија, од таму со уште повисоко ризични на ургентна кои можеби после таков контакт веднаш ќе влезат во операциона сала и сигурно дека ќе немаат сили да се справат ни со обична настинка, а не пак со новиот грип. Ова шетање низ клиниките е од лично искуство на високо ризичен пациент, за кој после ваквото шетање низ клиниките сепак е докажано дека е позитивен на новиот грип.
Од: ivan
Датум: 27.11.2009 13:46:42
Ava e golema panika kako da gi naterat graganite so sila da se vacinirat, a ovae ot drugiot grip koga ne ustanovile porano neg odkoga umrel .Tolku mu e sposobnosta i znaeneto na doktorite. podrav

Најди! во Утрински
Политика
Сметките за „Љуботен“ ги расчистуваат сопругите
СДСМ го поштеди Груевски пред средбата со Папандреу
СДСМ најави кривична за градоначалникот на Штип
Смртта на Павле одложило средба меѓу МПЦ и СПЦ
Оспорен Советот на Општина Тетово
Без дозвола нема прекопување улица