Смртта на Павле одложило средба меѓу МПЦ и СПЦ
Поглаварот на Македонската православна црква, г.г.Стефан, одговарајќи на новинарско прашање, вчера истакна дека упокојувањето на српскиот патријарх Павле ја одложило планираната средба на делегациите на Македонската и на Српската православна црква.
„Од страна на МПЦ постои расположение, а тоа беше и прифатено последниве месеци од оваа година со неофицијални средби и разговори, односно да започнат да се возобноват разговорите меѓу двете цркви, но, еве, упокојувањето на патријархот, мислам, дека го одложи планираното сретнување на двете цркви, односно на двете делегации“, рече г.г. Стефан.
„Делегацијата на МПЦ, вечерта спроти погребот, му оддаде почит на патријархот во Соборниот храм во Белград, а потоа во салата на Синодот на СПЦ имаше и средба со чуварот на патријаршискиот трон на СПЦ, митрополитот црногорско-приморски г. Амфилохие“, рече тој.
„Нормално, при таква прилика, најмногу се говореше за поводот што не' собра, односно за покојниот патријарх, а не беа заобиколени и ни од поодамна актуелните прашања меѓу Македонската и Српската православна црква, но имајќи предвид дека не беше место, го оставивме тоа за подоцна, по изборот на новиот патријарх на СПЦ“, потенцира архиепископот охридски и македонски.
Поглаварот на МПЦ се осврна и на делот од беседата на вселенскиот патријарх г. Вартоломеј во врска со спорот меѓу Македонската и Српската црква.
„Патријархот вселенски ги спомна неговиот обид и успех во разрешувањето на внатрешниот проблем на СПЦ со српската дијаспора, односно црквата надвор од границите на Србија и, секако, со констатација дека тоа е успешно решение на патријархот Павле. Но, неговата сесветост не ја премолчи констатацијата дека обидот на патријархот Павле да го разреши македонското прашање не успеал и порача дека тоа ќе остане една од задачите на новоизбраниот патријарх на СПЦ“, посочи г.г. Стефан.
„Вселенскиот патријарх направи анализа на најважното, најглавното што се случило во времето на поглаварството на патријархот Павле, односно обидот за паралелна црква, дури со донесување томос за т.н. охридска архиепископија, која е невалидна одлука и томос што не е признат ни од Цариград ни од која било друга црква“, укажа г.г. Стефан. (МИА)
|