Меѓународна конференција „Современиот танц денес“
В петок и во сабота, во Народната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а во организација на Културниот центар „Интерарт“, ќе се одржи меѓународна конференција за танц под наслов „Современиот танц денес“ - „Лични искуства“ и „Запад-Исток релации“.
Конференцијата е дел од тригодишниот европски истражувачки проект од областа на танцот на „Интерарт“, а е поддржана од Министерството за култура и Градот Скопје. Фокусот на конференцијата е на естетичните танцови форми на европската современа танцова сцена.
На конференцијата ќе учествуваат врвни експерти за танц од Македонија, регионов и од Европа. Во нејзини рамки, утревечер во Чифт-амам ќе биде промовирана книгата за танц „Уметноста на танцот“, чиј уредник е академик Катица Ќулавкова, а за неа ќе говори академик Цветан Грозданов. Ова е прва книга за танц во Македонија поддржана од УНЕСКО, што претставува историски исчекор во оваа област. Книгата произлегува од минатогодишната конференција за танц „Танцот како експресија на културните различности“, одржана под покровителство на УНЕСКО и Министерството за култура. По промоцијата ќе се одржи уметничка програма - „Пијанистот... нов почеток“, авторски проект на актерот Васил Зафирчев. (Т.И.) |