Хит-романот „Гомора“ од денеска во „Матица“
Романот на Роберто Савијано досега е преведен во 42 земји на 40 јазици и е продаден во милионски тиражи низ светот
Невена Поповска
Во Клубот „Матица“, од денеска читателите ќе можат да го набават македонското издание на романот „Гомора“ од Роберто Савијано. Станува збор за книжевна „бомба“, како што ова дело го нарече сопственикот на италијанската издавачка компанија „Мондадори“, италијанскиот премиер Силвио Берлускони. „Гомора“ е досега преведен во 42 земји на 40 јазици и продаден во милионски тиражи ширум светот.
Авторот на „Гомора“, Роберто Савијано, има 29 години, роден е во Неапол, по образование е филозоф, а работи како самостоен новинар и писател. По објавувањето на романот кој е резултат на неговата новинарска истражувачка работа, Савијано живее под полициско обезбедување и 24-часовен надзор на италијанската држава, поради смртните закани кои му беа упатени од мафијата.
Според романот на Савијано е снимен и истоимениот филм кој годинава освои Гран-при на Канскиот филмски фестивал, а кој деновиве беше избран за најдобар европски филм, а е и најсериозен кандидат за „Оскар“.
По објавувањето на „Гомора“, иако во насловот авторот намерно не сака директно да посочи на Камора, Савијано, од една страна доживеа голема слава и углед, но, од друга страна доби смртни закани од Неаполскиот клан на мафијата Камора. Во романот, Савијано во детали го открива дејствувањето на неаполските главни кланови, како и тајните на мафијашката „Камора“. Само неколку дена откако „Мондадори“ ја објави книгата, Камора јавно му се заканува и одлучува неговата заинтересираност да се казни со смрт.
„Ја напишав ’Гомора’ бидејќи не можев да не ја напишам“, вели Савијано. „Илјада пати сум се покајал поради тоа, најмногу поради мојот сегашен живот. Повеќе од 700 дена живеам под надзор, тоа се повеќе од 11.000 часа изолација, која на моменти е неиздржлива“. Авторот доби јавна поддршка за книгата од голем број познати личности не само од Италија, туку од цела Европа, а како што самиот истакнува најмногу му значи поддршката од неговиот познат колега, писателот Умберто Еко.
Најновата закана од страна на неаполската мафија се плановите да го убие до Божиќ, а Савијано вели дека „и покрај откривањето на планот за атентат ќе продолжи да живее како и досега. „А, што друго би можел да работам?“, вели Савијано. „Најверојатно ќе одам во егзил“, иронизирајќи дека во изолацијата во која живее научил да готви. Мојот живот откако излезе ’Гомора’ се состои од постојано преселување“.
Од Клубот „Матица“, кој на македонските читатели пред новогодишните празници им го донесе романот кој е светски хит, велат дека очекуваат книгата да се продаде во голем тираж бидејќи ќе се продава по симболична цена. |