„Роман на годината“ ја враќа вербата во наградите
Редакцијата на „Утрински весник“ дава придонес со транспарентноста на доделување на наградата
Романите на Венко Андоновски, Димитар Башевски и Гоце Смилевски, покрај наградата на „Утрински весник“, станаа македонски претставници за „Балканика“ и преведени се на повеќе странски јазици
Невена Поповска
Редакцијата на „Утрински весник“ оваа година по десетти пат ќе го додели престижното литературно признание, наградата „Роман на годината“. Редакцијата оваа награда ја доделува за најдобар роман напишан и објавен на македонски јазик во тековната година. Значајни имиња од македонската литература биле лауреати на ова признание, но со конкурсот на „Утрински“ се откриваат и нови имиња. Во низата лауреати на наградата се вбројуваат: Слободан Мицковиќ, Венко Андоновски, Гоце Смилевски, Димитар Башевски, Милован Стефановски, Оливера Николова, Пајо Авировиќ, Кица Б. Колбе, Блаже Миневски.
Не само што станува збор за највисока парична награда што во земјава се доделува за литература, туку наградата за „Роман на годината“ на „Утрински весник“ претставува етаблирано и веќе институционализирано признание кое е врсник со Редакцијата. Притоа голем дел од романите кои се стекнаа со ова признание, доживеаја повеќе објави, преводи и објавувања во странство, поголемиот дел од нив беа македонски претставник за наградата „Балканика“, а „Папокот на светот“ на Венко Андоновски и се закити со ова Балканско признание. Исто така, според овој роман беше изведена театарска претстава и е снимен филм.
Минатогодишниот добитник на наградата Блаже Миневски, смета дека „да се добие награда што се нарекува ’Роман на годината’ е големо признание, но и голема обврска. Признание, затоа што авторот добива едногодишна валидна тапија дека навистина напишал најдобар роман, а обврска затоа што тапијата мора да важи барем една година, зашто каков е тој роман на годината што ќе се заборави уште пред да истече годината на неговата претпоставена слава. Од друга страна, наградата за мене е уште поголема, а обврската уште потешка, и затоа што ја добив во конкуренција со два одлични романа на двајца наши врвни писатели, досега��ни добитници на ова престижно признание на „Утрински весник“.“
Кица Б. Колбе беше втората жена која покрај извонредната Оливера Николова се закити со признанието на „Утрински“. За неа, „одлуката на жири-комисијата да ми ја додели оваа престижна награда претставува потврда дека и моето слово е значајно за мојот мајчин јазик, живеела јас илјадници километри далеку од Македонија. Радоста што ми беше причинета со тоа е како горешт снег во пролет, како изблик на миризмата на моето детство, кога научив да го пишувам и љубам секое слово во тој јазик.“
Покрај Гоце Смилевски, и Пајо Авировиќ е едно од откритијата на „Утрински весник“. Тој со својот прв роман стана добитник на наградата „Роман на годината“.
Оливера Николова беше првата жена која го доби признанието на „Утрински“. Наградата ја доби за романот „Куклите на Росица“ во конкуренција од 37 наслови. „Кога ние писателите ги пишуваме нашите книги, вели Николова, не помислуваме на моменти кога ќе треба да изразуваме благодарност на сите страни, затоа што она што сме го напишале станало добро за повеќемина. Моето дело „Куклите на Росица“ е пишувано со намера. Со намера историскиот факт да го направи доминантен. На читателите остана да оценат дали таа моја намера е доволно добро поткрепена, а и скриена, низ веродостојни факти. Историјата ни дава податоци и претпоставки. Ние се протнуваме меѓу нив, барајќи го, за нас смртниците, просторот на слобода, која пак за чудо, единствена ја сочинува животворната храна на историјата. Навистина толкувањето на историјата може да биде субјективно, но и тоа подразбира редица предвидливи и непредвидливи можности. Најчесто нашата денешна живеачка ја решаваат нештата кои се случиле порано, претходно, во блиското или во подалечното минато. Ние сме последица. Како поединци и како народ. А, бидејќи сме последица, наше е барем да не останеме слепи за она што не условило-за причината, колку физиолошка, уште повеќе историска. Тоа е нашата задача како поединци и како народ, а тоа беше задачата и на овој роман....“
Милован Стефановски, пак ќе рече: „Кога се востановуваше наградата ’Роман на годината’ на ’Утрински весник’, јас бев претседател на Друштвото на писателите на Македонија и во тие простории му беше врачена наградата на сега починатиот Слободан Мицковиќ. Во тоа време воопшто и не помислував дека за пет години оваа награда ќе прерасне во престижно книжевно признание кое ја враќа вербата во во наградите. За тоа секако, во најголема мера, придонесува и Редакцијата на ’Утрински весник’, не само со начинот на доделување на наградата, со транспарентноста при доделувањето, широкиот одѕив што таа го има кај македонските прозаисти и членовите на жири-комисијата кои секогаш се со усет избрани. Кај ова реномирано признание, како кај ретко која награда учествуваат писатели од постарата и од помладата генерација рамо до рамо. Драго ми е што сум лауреат на реномираното признание ’Роман на годината’ и што од 37 наслови, жирито се одлучи за мојот роман. Наградите се убава работа, особено за луѓето со креативен дух, тие се некој пат и потреба, но и репер, а Редакцијата на ’Утрински’ со доделувањето на оваа награда дава огромен придонес во афирмацијата на македонскиот роман.“ |