Педесет и петта годишна изложба на ДЛУМ
Дело на Нела Стојчевска, добитничка на наградата „Јордан Грабул“
Друштвото на ликовните уметници на Македонија на својата 55. годишна традиционална изложба, што ќе биде отворена вечерва во Музејот на град Скопје во 19 часот, со пригодно слово на писателот Александар Прокопиев, ќе презентира дела на 108 уметници од различни генерации.
Друштвото ќе им оддаде почит и пиетет на починатите членови со презентација на нивни дела, при што публиката ќе има можност да види дел од творештвото на Петар Ѓорѓиев - Пљум, Спасе Спировски, Иван Велков, Предраг Урошевиќ, Максим Димановски и Димитар Младеновски.
На отворањето на изложбата ќе бидат доделени и традиционалните, еснафски награди. Наградата „Нерешки мајстори“ (златна плакета по идејно решение на акад. скулптор Александар Ивановски-Карадаре) за сликарство и скулптура годинава им припадна на доајените на македонската ликовна уметност, Павле Кузмановски и Симеон Арнаудов. Ангеле Гавровски е добитник на наградата „Лазар Личеноски“ за сликарство, Слободан Вигњевиќ на „Петар Мазев“, наградата „Јордан Грабул“ за скулптура и е доделена на Нела Стојчевска, „Димитар Кондовски“ за сликарство на Мариета Сидовски, а Бурхан Ахмети е добитникот на наградата за графика „Димче Николов“. (К.Б.) |