Аматерско драмско студио од Тетово патува во соседна Србија
ТЕТОВО - Аматерското драмско студио при Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ Тетово, со комедијата „Цунами“ гостува во соседна Србија. Во наредните три дена, аматерите ќе се претстават во Зрењанин и Врање. Нивното гостување го организира Националниот совет на Македонците во Република Србија, кои по втор пат годинава се во својство на домаќини по престојот во август во Шид.
Освен во Тетово, каде драмските аматери дури пет пати ја полнеа големата сала во Домот на културата, со „Цунами“ гостуваа и во Скопје, каде ги собраа сите аплаузи на преполната сала и бран одушевување на гостувањето во Ростуше. Очекуваат и поволен прием во Зрењанин и Врање. „Театарот во Зрењанин датира од 1939 година и е најстар во Србија. Го сочинуваат професионални актери. Ние сме гости на Собранието на Општината и градоначалникот, кои веќе понудија потесни врски меѓу театарот и Центарот за култура, но и на ниво на градови и општини“, рече Мирко Видоевски, режисер и коавтор на „Цунами“. Во Зрењанин и Врање отпатува комплетната актерска екипа. (Г.Е.) |