Јуниорите во невозможна мисија на Исланд
Во конкуренција на Исланд, на Србија и на Црна Гора, машката јуниорска ракометна репрезентација на Македонија има симболични шанси за едно од двете места на квалификацискиот турнир што викендов ќе се одржи во Рејкјавик, а кои водат на Европското првенство во Словачка. Избраниците на селекторот Зоран Петковски денеска стартуваа против Србите, утре ќе играат со Исланѓаните, а задутре со Црногорците.
Судејќи според резултатите на турнирот во романскиот град Сигишоара минатиот викенд, каде што беа декласирани со по 44:22 од Русија и од првиот тим на домаќинот, а ремизираа 27:27 со вториот состав на Романците, на македонските надежи ќе им треба чудо на Исланд. Тоа ќе се обидат да го направат голманите А. Пешевски и Костески, крилата Ѓуровски, Спировски и Василевски, бековите Георгиевски, Димитриевски, Манасков, Јованоски, Ордев, Петковски и Лазаревски и пикерите Маркоски и Ж. Пешевски.
ЕП за селекциите до 20 години ќе се одржи од 29 јули до 8 август годинава во Словачка. (Р.Д.) |