Сеќавање на трагедијата на Хилсборо
Ливерпул и денес и им оддава почест на жртвите на големата трагедија каде што пред 21 година животот го изгубија 96 лица
Полуфиналниот натпревар од ФА купот меѓу Ливерпул и Нотингем форест игран на 15 април 1989 година на стадионот на Шефилд ќе остане запаметена по најголемата катастрофа во историјата на англискиот спорт. Како и секоја година, трагедијата беше одбележена со традиционална меморијална служба на „Енфилд“ пред десетина илјади навивачи.
„Од како дојдов овде, овој ден е секогаш емотивен. Сите играчи и вработени во Ливерпул даваат се' од себе да ги поддржат семејствата и пријателите на жртвите, затоа што тоа е многу битно за клубот. Првпат кога дојдов овде бев импресиониран гледајќи што се случува во овој клуб, гледајќи ги сите овие луѓе. Ова е болно и сите ќе се сеќаваат за секогаш“, рече тренерот на Ливерпул Бенитез, на својата шеста меморијална служба.
До трагедијата дојде на трибините на „Лепинг лејн“, кога на веќе преполнетиот стадион припадниците на обезбедувањето и полицијата пуштија уште неколку илјади навивачи на Ливепул. „Црвените“ добија 14.600 влезници за мечот, околу шест илјади помалку од фановите на Шефилд, а уште околу 5.000 навивачи на Ливерпул останаа пред стадионот и се обидуваа да влезат.
Првите проблеми се јавија на еден мал влез, која го отвори полицијата за да исфрли некого од стадионот. Наместо тоа, дваесетина луѓе влегоа на трибините, а по нив тргнаа и останатите, поради што беше отворена и страничната капија. Поради големите турканици отворени се и други излези за да се избегнат жртвите. Меѓутоа, процената беше погрешна.
Илјадници луѓе тргнаа да влегуваат во веќе преполнетите кафези, поради што луѓето од првите редови останаа згмечени на заштитната ограда. Никој од надлежните, па дури и повеќето од навивачите не забележаа што се случува, се' додека не беше предоцна. Мечот почна во 15 часот, а дури во 15.06 полицаецот на судијата Реј Луис му рече да го прекине мечот. Беше отворена малата врата на заштитната ограда, некои бегаа така што се качуваа на жица, а на крајот оградата пукна. Тогаш беше јасно дека има и жртви, многу повредени, а беше констатирано дека повеќето од загинатите животот го загубија во стоечка положба. Целата трагедија Велига Британија ја гледаше низ директен пренос на Би-Би-Си.
На лице место загинаа 94 навивачи, 766 лица беа повредени, а околу 3.000 хоспитализирани. Четири дена подоцна почина и 14-годишниот Ли Никол, а конечниот број жртви - 96 ја заокружи Тони Бленд четири години подоцна во март 1993 година кога беше исклучен од апаратите.
По трагедијата беше спроведена темелна истрага и дојде до важни поместувања поврзани за безбедноста во спортот, комплетирани во документот познат како „Извештајот на Тејлор“.
Борбата против хулиганството во Англија тргна во нов правец, воведено е обврзително седење, укинати се заштитните огради, донесени се нови правила при изградба на стадионите, а Хилсборо го зазема своето место во историјата на Велика Британија, а меѓу останатото имаше потсетување во литературата, музиката и филмот. |