Почна дипломатска офанзива за легализацијата
Македонија во ОН ќе се судри со САД, кои најавуваат блокирање на легализацијата што ја бара Ла Паз
ЛА ПАЗ - Боливија започна дипломатска офанзива за ставање крај на меѓународната забрана за џвакање листови кока. Министерот за надворешни работи, Дејвид Чоквехуанка, е на турнеја низ Европа за да привлече поддршка за отстранување на коката од договорот на ОН за забранети дроги.
Коката се користи на Андите илјадници години како благ стимуланс и света билка. Меѓутоа, коката, исто така, е суров материјал за производство на илегален кокаин, и се очекува САД да се спротивстават на тој чекор. Боливија сака да се измени и да се дополни Единствената конвенција на ОН за наркотични дроги од 1961 година за да се отстрани текстот со кој се забранува џвакање листови кока.
Крајниот рок за поднесување приговори од земјите е 31 јануари. Доколку не бидат пријавени приговори, ќе се изврши промената. Конвенцијата предвидува дека џвакањето кока ќе биде елиминирано за 25 години откако конвенцијата стапи во сила во 1964 година.
Шпанија веќе ја даде својата поддршка з�� кампањата на Боливија. Шпанскиот министер за надворешни работи, Тринидад Хименес, му порача на Чоквехуанка во Мадрид дека таа „го разбира“ барањето на Боливија и ќе се обиде да посредува кај другите европски земји за кои се смета дека ќе имаат приговор.
Засега Колумбија и Македонија ги повлекоа приговорите по лобирањето од Боливија. Но, Америка - која е најголемиот консумент на кокаин во светот и со децении ги предводеше напорите за искоренување на производството на кока во Андите - се очекува да ја блокира промената. Канцеларијата на Вашингтон за Латинска Америка, левоориентирана група за притисок, соопшти дека дознала дека САД подготвуваат официјален приговор, но се надеваат оти други земји прво ќе ги поднесат нивните.
Претседателот на Боливија, Ево Моралес, одамна се залага за признавање на коката како растение со големо медицинско, културно и верско значење, што е различно од кокаинот. Покрај тоа што е првиот домородечки претседател на Болвија, Моралес, исто така, е поранешен одгледувач на кока и лидер на синдикатот на одгледувачи на кока.
Во вторникот Боливија го лансира последниот производ наменет за индустријализирање на листовите на кока и обезбедување пазар за одгледувачите, со цел нивните производи да не завршуваат во илегален кокаин. Боливиска компанија го лансира „кока бринко“ - газиран безалкохолен пијалак што се прави со екстрат од листови на кока. Произведувачите се надеваат дека тоа ќе биде конкуренција на пазарот за уште еден газиран пијалак што оригинално има вкус на кока - американската класична „кока-кола“. |