Почна самитот на двата џина
Пекинг длабоко го одврза кесето за да ги одоброволи американските домаќини
ПЕКИНГ - Кинескиот претседател Ху Џинтао допатува во САД на средба со американскиот колега Барак Обама. Аналитичарите сметаат дека четиридневната посета на Ху е најважна на кинески лидер за 30 години со оглед на се' поголемата воена, економска и дипломатска сила на Кина.
Белата куќа подготвува целосен официјален прием со воена гарда, ручек во Стејт департментот, вечера во Белата куќа и средби со некои од најмоќните бизнис лидери на Америка, од фирми како што се „Џенерал електрик“, „Кока-кола“ и „Боинг“. За време на разговорите во Овалниот кабинет, помошниците од Белата куќа најавија дека американскиот претседател ќе разговара со кинескиот колега за главните прашања.
„Без оглед дали станува збор за економски разговори, без оглед дали се оние од областа на безбедноста или станува збор за човековите права, мислам дека тоа е дискусија што ја имавме и ќе продолжиме да ја имаме со Кинезите и ќе вршиме притисок да работат подобро“, изјави портпаролот Роберт Гибс за новинарите.
Америка сака односи на соработка, но почнува поостро да се изразува поради раководењето на Пекинг со девизниот курс и поддршката за режимот на Северна Кореја. Американскиот државен секретар Хилари Клинтон изјави дека Америка и Кина се во „критичен спој“. И двете страни ги признаваат длабоките поделби што ги затегнаа односите изминатава година - вредноста на јуанот, огромниот трговски јаз, човековите права, американската продажба на оружје на Тајван. Америка, исто така, е загрижена поради се' поголемата воена сила на Кина.
Во почетокот на јануари, за време на посета на Кина од страна на американскиот секретар за одбрана, Роберт Гејтс, Пекинг потврди дека тестирал прототип на борбениот авион „Џ-20 стелт“, кој е невидлив за радар.
Америка, исто така, ја зацврсти поддршката за сојузниците од источна Азија, најмногу со Јужна Кореја и Јапонија, во услови на поморски ривалства со Кина во Пацификот. Двете сили, исто така, се расправаат како да го спречат воинственото однесување на Северна Кореја и напредувањето на нејзината нуклеарна програма.
Во ретко интервју за странските медиуми, Ху ги призна „разликите и чувствителните прашања“, но рече дека најдобро за двете страни би била соработка наместо конфронтација.
Подоцна, во текот на неделата се очекува Ху да отпатува во Чикаго, каде што се предвидува дека ќе потпише серија трговски и инвестициски договори. САД ја поттикнуваат Кина да купи авион од „Боинг“ во вредност од десетици милијарди долари, автомобилски делови, земјоделски производи и говедско месо. Трговијата меѓу САД и Кина изнесува 400 милијарди долари, за разлика од сто милиони долари пред 30 години кога Америка ги формализираше односите со оваа комунистичка земја. Кина, исто така, ги има најголемите резерви на странска валута во светот, 2,85 илјади милијарди долари и голем дел од долгот на американската влада. Пред пристигнувањето на Ху во Америка, кинеска трговска мисија потпиша шест договори со американски компании во Хјустон во вредност од 600 милиони долари, што според аналитичарите, е обид да се создаде „позитивна“ атмосфера за разговорите. |