Со коката Боливија ќе војува со „Кока-кола“
На линија со Македонија околу легализирањето на листот на коката се најдоа и Шпанија, Иран, Парагвај и Венецуела
ЛА ПАЗ - Не станува збор за пијалак со сличен ефект, иако има слично име. Неверојатен нов производ го преполни светот на безалкохолните пијалаци: Боливија почна да произведува нов газиран пијалак со листови на кока. Се нарекува „кока-колла“, според народот Колла - племе од Андите што одгледува кока во областите што граничат со Боливија, Чиле и Аргентина. За некои тоа е прашање на домородечката гордост, за други уште еден знак на се' поголемото антиамериканско расположение на Боливија, но оваа скромна локална иницијатива си постави цел да им конкурира на домашен терен на гигантите, како што се „Кока-кола“ и „Ред бул“.
Новиот „енергетски безалкохолен пијалак“ го произведува приватна компанија со скромни првични инвестиции од 1.000 долари, но е поддржан од владината политика за индустријализација на одгледувањето листови кока. Асоцијацијата со дрогата има мотивирачко влијание врз креаторот на пијалакот, Виктор Ледезма. „Сакам да го освојам целиот свет со мојот пијалак што се базира на листови на кока“, вели Ледезма, одгледувач на кока од регионот Ел Чапаре во централна Боливија. „Коката има голем потенцијал. Тоа може да го смени имиџот на Боливија како земја-трговец со дрога“, верува тој. Според Ледезма, новиот сојузник на Боливија - Иран веќе изразил интерес и нарачал два милиона шишиња.
Некои земји во регионот, членки на левоориентираниот блок Алба - главно, Венецуела и Парагвај - размислуваат не само за увоз, туку за финансирање на проектот на Ледезма. „Јас развив сопствена тајна формула. Почнав да го правам пијалакот дома врз основа на мојот омилен, но инаку критикуван лист на коката и да го пакувам пијалакот во шишиња“, вели Ледезма. „Сега градиме фабрика во Санта Круз и имаме цел да оствариме инвестиции од најмалку еден милион долари. Тоа е за почеток. Целиот свет треба да знае дека коката, покрај добриот вкус, е добра за телото и за душата“, додава Ледезма.
Пијалаците што се базираат на листови кока не се нова идеја. Кон крајот на 1800-тите и во почетокот на 1900-тите години претприемачот од Корзика, Анџело Маријани, предизвика револуција со неговото вино што се базира на коката „вин маријани“. Пијалакот нудеше „здравје, сила, енергија и виталност“ па дури доби официјално признание од еден од неговите консументи и обожаватели, тогашниот папа Лео Тринаесетти.
Во поново време, листовите на кока се меѓу елементите од формулата на енергетскиот пијалак „ред бул кола“. Меѓутоа, листовите кока се најпознати по тоа што ја лансираа оригиналата формула на „кока-кола“. Компанијата го повлече кокаинот од рецептот пред повеќе од сто години, но во тајната формула се' уште има екстракт од кока без кокаин. Компанијата „Кока-Кола“ секоја година увезува осум тони листови кока од Јужна Америка, главно, од Перу.
Листовите на коката имаат три алкалоиди. Алкалоидот кока, екстрактиран од листот и концентриран во кокаин со хлорид, е мошне стимулирачки и потенцијално создава голема зависност“, објаснува д-р Хорге Хуртадо, локален лекар и експерт за кока, кој се наоѓа на чело на Меѓународниот институт за истражување на коката. „Сепак, мала доза природно присутна и необработена, во листовите на коката дава само слабо чувство на енергија и не предизвикува зависност; послаба е од филџан кафе. Истото важи и за „кока-колла“ или некој друг производ што се базира на кока, како што се пастите за заби, брашното или слатките“, додава Хуртадо.
И покрај тоа, со исклучок на „кока-кола“, повеќето производи што користат листови кока се забранети во земјите надвор од Андите, со строги трговски регулативи. За извоз на пијалакот „кока-колла“ ќе биде потребно Меѓународниот одбор на ОН за контрола на наркотици да го отстрани листот кока од списокот на опасни дроги, каде што се наоѓа од 1961 година. Сега законот на Боливија дозволува да бидат засадени само 12 илјади хектари со кока, а целта мора да биде професионална - за џвакање, чај и за употреба во домородечки ритуали. Меѓутоа, со широките планови за индустријализација на сјајниот зелен лист, Моралес врши притисок да се зголеми областа за одгледување кока на 20.000 хектари.
Во реалноста, одгледувањето на коката е многу поголемо од тоа. Во неодамнешен извештај на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал, се нагласува дека во 2008 година се одгледувале во просек 30.200 хектари со кока во два од девет региони на земјата. Реално, листовите кока достигнуваат многу повисоки цени отколку повеќето прехранбени култури и тешко ќе може да се спречи одгледувањето кај фармерите во една од најсиромашните земји на Јужна Америка. Владата се надева дека поддржувајќи друга употреба на коката, ќе им помогне на некои земјоделци да го избегнат искушението за трговија со кокаин. Владата смета дека легалното производство на кока е доволно за поддршка на 300.000 луѓе. „Во прашање е националната гордост. Наскоро луѓето ќе престанат да зборуваат за ’Господ, земјата и кока кола’; тие ќе зборуваат за ’Божицата на Андите - Мајката Земја, Боливија и кока-колла’“, се вели во соопштението. (Би-Би-Си њуз) |