Дивите вработувања ќе се пријавуваат на телефон
Ќе се олесни постапката за пријавување на работодавците што ангажирале работници на црно, односно што не ги пријавиле вработувањата што ги имале во своите фирми. Тоа вчера го најави Државниот инспекторат за труд, од каде што посочија дека овие денови ќе биде отворена веб-страницата и кол-центарот на кој работниците ќе можат да ги пријавуваат сите прекршувања на Законот за труд од страна на работодавците, но и непочитувањето на постапките за заштита на безбедноста при работа.
Државниот инспекторат за труд на вчерашниот брифинг информира дека во тек е голема едукативна кампања, со цел да се запознаат работодавачите и работниците со нивните права и обврски.
Се најавува, исто така, и засилен инспекциски надзор, особено во текстилната и во градежната индустрија, каде што има и најголем број лица што работат на црно.
Од Инспекторатот појаснија дека нивната цел не е само да се пишуваат и да наплатуваат казни, туку доследно да се применуваат законите.
Во текот на минатата година трудовите инспектори извршиле над 32.000 надзори, при што биле затечени 3.405 лица без заснован работен однос. Од областа на безбедноста при работа биле извршени близу 18.000 контроли и притоа се донеле 4.767 решенија за отстранување на неправилности.
Исто така, во 2009 година биле регистрирани 12 смртни случаи и 494 потешки повреди при работа, што предизвикале неспособност кај работници за подолго време. (Ек.Р) |