Екстра 60 милиони евра од ЕФСЕ за малите бизниси
Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ), еден од најголемите фондови за микрофинансирање во светот, вчера уште еднаш потврди дека ќе ги поддржи малите бизниси во Македонија. Во наредните пет години Фондот ќе обезбеди дополнителни 60 милиони евра за финансирање на македонските финансиски институции. Средствата се наменети за обезбедување долгорочни кредити за малите бизниси, особено за микро и малите претпријатија, како и кредити за подобрување на домувањето, кои би им се доделиле на нископриходните приватни домаќинства.
Кредитите се со максимална висина до 100.000 евра.
Со инвестициите, ЕФСЕ сака да ја освежи довербата на инвеститорите во финансискиот сектор во Македонија. „И покрај овие турбулентни времиња, се' уште постојат здрави финансиски институции и успешни мали компании во Македонија, кои заслужуваат да бидат поддржани“, истакна Клаус Глаубит, претседавач на Одборот на директори на ЕФСЕ.
Вицегувернерот на НБРМ, Димитар Богов, нагласи дека е голема чест да се поддржи проектот на ЕФСЕ, кој веќе е присутен во Македонија со финансирање кредитни линии за мали и за средни претпријатија. (Ек.Р.) |