Политичарите бараат мито од бизнисот
Според глобалниот индекс за перцепција на корупцијата што секоја година го објавува „Транспаренси интернешенал“, Македонија лани се рангирала на 71. место според нивото на корупција во бизнисот.
„Направивме значително подобрување во однос на претходните години, но тоа не е доволно. Пред државните органи се наметнува сериозна обврска за натамошни интензивни активности и преземање конкретни мерки“, напомна Ацо Спасовски од Стопанска комора на Македонија, на вчерашната конференција „Корпоративните бизнис-принципи и предизвиците на глобалната корупција“.
Во борбата против корупцијата, како што посочија учесниците на конференцијата, треба еднакво да се вклучат сите засегнати страни - сопствениците на бизниси, директорите, работниците, ревизорите, инвеститорите, регулаторите, институциите, дома и надвор од границите.
Корупцијата е централен и се' поголем предизвик за бизнисот и за општеството. Од неа се засегнати сите, од нерегистрираните продавачи во најмалку развиените земји до мултинационалните компании во индустријализираните држави. Мито се бара активно, а и натаму важи правилото дека се негува култура на неказнување, со што се поткопува функционирањето на јавните институции и се поттикнува верувањето кај јавноста дека владите и бирократиите може да бидат купени од оној што ќе понуди најмногу. Според глобалниот извештај за корупцијата во 2009 година, изготвен од „Транспаренси интернешенал“, запрепастуваат нивото и опсегот на поткупот во бизнисот.
На речиси два од пет директори им бил побаран поткуп во контактите со јавните институции, а половина од нив процениле дека митото ја зголемува цената на проектот за најмалку 10 отсто. Еден на секои петмина тврдел дека го губи бизнисот поради поткупот што го платила конкуренцијата. Корумпираните политичари и државни службеници во земјите во развој, пак, примаат поткуп што се смета дека достигнува меѓу 20 и 40 милијарди долари годишно, што претставува од 20 до 40 проценти од официјалната помош за развој во овие земји.
„Клучните корупциски ризици, пропустите во делот на транспарентноста, отчетноста и надзорот се' уште опстојуваат во сите стопански гранки во сите земји“, е наведено во извештајот.
Според дел од препораките кажани на конференцијата, бизнисот мора да сфати дека ризиците од корупцијата почнуваат со поткуп, а владите треба да ја искористат новата генерација иновативни алатки за да стават поголем акцент врз регулаторните капацитети. Неопходно е и да се подигне и граѓанската свест за овој глобален проблем. (М.Т.) |