Богов: Слабото евро не ја загрижува Македонија

Вицегувернерот на Народна банка на Македонија, Димитар Богов, смета дека слабеењето на еврото за кое е врзан курсот на денарот во однос на доларот, не е причина за загриженост, бидејќи најголем дел од надворешно-трговскиот долг и размена, како и девизните резерви на Македонија, се деноминирани во евра.
Македонија годинава ќе ја заврши со раст од најмалку еден отсто, рече Богов, нагласувајќи дека ќе биде една од ретките земји во Европа, која за само една година целосно ќе го надомести загубеното ланско производство. „Инфлацијата ќе остане ниска, под 1,5 отсто, со што изгледите за екстерниот сектор се многу попозитивни. Дефицитот на тековната сметка во платниот биланс ќе се намали на 6,5 проценти од БДП, а девизните резерви ќе продолжат да се зголемуваат над сегашното конфорно ниво од 4,5-месечен увоз на стоки и услуги“, подвлече вицегувернерот. (Ек.Р.) |