Бензините поевтини за 1,5 денар, дизелот за 3,5
Малопродажните цени на бензините од денеска се пониски за 1,5 денар за литар, а на дизелот за 3,5 денари за литар. Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, новата цена на МБ-96 изнесува 73 денари, на ЕУРОСУПЕР-95 е 70 денари, а на ЕУРОСУПЕР-98 е 71 денар за литар. Новата цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е ИВ) изнесува 64 денари, на екстралесното масло за домаќинство (ЕЛ) е 52,5 денари и на екстралесното масло за домаќинство-1 (ЕЛ-1) изнесува 53 денари. Малопродажната цена на М-2 се намалува за 3,105 денари и изнесува 32,535 денари за килограм. Ваквата одлука на РКЕ следува откако изминативе две недели на светските берзи владееше континуиран пад на вредноста на нафтата. Цената продолжи да паѓа и вчера, спуштајќи се под границата од 100 долари. Така, на Лондонската берза нафтата вчера падна под 93 долари за барел. (Ек.Р.) |