Чекајќи го Уставниот суд, фискалните уште неточни

Трговците не забележале дека изминативе месеци има зголемување на прометот со македонски производи
Александрија Стевковска
Бензинот, дезодорансите „рексона“, минералната вода „златибор“ се македонски производи, иако не се произведуваат кај нас, додека, пак, цигарите „бренд“, кои се произведуваат во Тутунскиот комбинат од Прилеп, во некои продавници на фискалните сметки се регистрирани како странски. Ваквата ситуација со фискалните сметки низ македонските продавници покажува дека евидентирањето на продажбата на македонските производи се' уште е заглавено во технички процедури и е во целост имплементирано само во дел од продажните објекти.
Во меѓувреме, патриотските фискални сметки чекаат Уставниот суд да одлучи дали нивното воведување е законско или не, што најверојатно ќе се случи идната недела. Доколку Уставниот суд пресуди дека одредбите од Правилникот за воведување патриотски сметки се неуставни, тоа ќе значи дека трговците ќе треба да си ги добијат назад парите што ги вложиле за надградба на софтверите на фискалните апарати.
Кривиот приказ на продажбата на македонските производи, преку нецелосно издвојување на македонските од увозните производи, или прикажување на целата сума како македонски или, пак, како странски производи, иако тие се од мешан карактер, сервисерите го објаснуваат со неангажираноста на трговците за внесување на кодовите на сите производи, издвоени според критериумите што ги дало Министерството за економија.
Од Управата за јавни приходи нагласуваат дека тие будно ја следат состојбата на пазарот и имплементираноста на правилникот за евидентирање на продажбата на македонските производи, но не сакаа да кажат дали досега имало казни и дали досега кај трговците се евидентирани некакви неправилности во спроведувањето на оваа одредба.
Според некои трговци, два и пол месеци по стапувањето во сила на овој правилник, неговата цел се' уште не е исполнета. Имено, трговците и не забележале дека изминативе месеци има зголемување на прометот со македонски производи, што требаше да биде суштина на донесувањето на правилникот, а тие дебело ја наплатија надградбата на софтверите.
„Прометот со македонски производи од јули досега го следеше трендот на продажбата со сите производи, односно забележа опаѓање поради летниот период. Сепак, според првичните процени, тоа што на фискалните сметки пишува кој колку македонски производи купил воопшто не е стимул тој процент да се зголеми на сметка на продажбата на увозните производи“, велат некои трговци.
„Распознавањето на македонските производи се прави на рафтовите во маркетите, а не со финалното пазарење, бидејќи за потрошувачите конечната одлука што ќе купат зависи од нивниот личен избор и преференции кон одреден производител и марка и повеќе од веројатно е дека тоа што ќе види колку домашни производи купил нема да го натера наредниот пат да пазари повеќе“, сметаат трговците.
Фаворизирањето на продажбата на домашните производи е мерка што не е дозволена од ЕУ и СТО, со оглед на тоа дека тие се залагаат за обезбедување фер конкуренција и еднакви услови за работа за сите стопанственици, а патриотските фискални сметки директно се спротивставуваат на тие начела. |