Брoj 2656  понеделник, 07 април 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Наука
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Скопскиот фестивал ја разбранува атмосферата во градот

Најгледани филмови беа „Внатрешна империја“, „Покајание“ и „Проклетството на златниот цвет“


Видувања на плакатите на „Црно семе“ и „Прекрасен ум“ на студентите на Европскиот универзитет

Сунчица Уневска

Единаесеттиот Скопски филмски фестивал своето затворање официјално го одбележа во киното „Милениум“ со проекција на тинејџерската комедија „Џуно“ и со шпанскиот филм „Хотел Тиволи“. Интересно е дека иако последен, вчерашниот фестивалски ден всушност имаше богата филмска програма во сите три киносали односно покрај „Милениум“, по три проекции беа одржани и во двете киносали во „Рамстор“. Меѓу нив беа бугарскиот „Пазач на мртвите“ на Илијан Симеонов и новиот филм на филмскиот магионичар, „Здив“ на Ким Кидук од Јужна Кореја, за кој и покрај тоа што станува збор за далеку послабо остварување од претходните, имаше големо интересирање.

Впрочем, интересирањето за фестивалот годинава беше добро ако се земе предвид енормната опаднатост на посетата во киносалите и огромната редуцираност на кинопрограмата. Може слободно да се каже дека Скопскиот фестивал повторно ги врати гледачите во киносалите, иако тоа беше далеку од некои поранешни години кога салите се полнеа до последното место. Но, со оглед на фактот дека фестивалот одеше во четири киносали, заедно со ретроспективната програма на Де Сика во Кинотеката, и дека во сите имаше гледачи, тогаш може да се каже дека посетеноста беше солидна и дека младите гледачи, кои беа во најголем број, дојдоа во киносалите. За тоа кои филмови треба да се видат се зборуваше во градот, а салата знаеше да се наполни за некој познат автор или наградуван филм. Едноставно, се создаде фестивалска атмосфера за која сите филмофили стравуваа дека веќе е минато. Не е и тоа е одлично.

Тоа, секако, е придобивката на Скопскиот фестивал, кој впрочем единаесет години докажува дека публиката знае што е добар филм и дека сака да ги види новите трендови во светот, и дека и покрај огромното намалување на гледачи во киносалит��, сепак, овој фестивал опстојува. А опстојува, пред се, заради програмата, заради традицијата која веќе ја создаде и заради тоа што на гледачите умее да им донесе и открие имиња кои успеале да ги поместат филмските граници последниве години. Поради тоа гледачите умеат да му ги простат или превидат техничките пропусти во поглед на проекциите и преводите, бидејќи станува збор за ексклузивна можност да се видат некои филмови. А и затоа што фестивалот се труди да и угоди и да и се приближи на публиката, со цената на билетите, со своите спонзори, како ВИП и „Јакобс“ и да и ја даде веќе се поретката можност за дружење. Годинава имаше доста реклами и билборди низ градот, така што филмската атмосфера можеше да се почувствува.


Никола Коџабашија одржа филмска работилница во „Mала станица

Интересно е дека иако меѓу 40-те долгометражни филма (и уште 30 кратки и анимирани) имаше и филмови кои кружат во градот, и кои ги има на пирати, сепак, посетеноста беше добра. Така беше на пример, за „Детектив“, за „Покајание“, филмот кој го отвори фестивалот и за кој се бараше реприза, така беше за „Џуно“, „Возот за Дарџелинг“ или за „Ирина палм“. А така беше и за најгледаниот филм, „Внатрешна империја“ на Дејвид Линч. Годинава беше направен некој интересен спој меѓу холивудски филмови, но и независни американски, меѓу наградувани, но и авторски филмови. И интересно е дека сето тоа функционираше, бидејќи станува збор за добар избор и филмови кои и покрај сосем различниот пристап и продукција, гледачите еднакво сакаа да ги видат. Така, можевте да видите гледачи и на холивудскиот „Лавови за јагниња“ на Роберт Редфорд, но и на независниот „Семејството Севиџ“, можевте да видите гледачи на атрактивниот „Проклетството на златниот цвет“, но и на шведскиот „Ти, што живееш“ и филмот на Гринавеј „Ноќна стража“.

Годинава се одржа и натпреварот на едноминутни филмови на тема „Комуникација“, за кои публиката можеше да гласа со СМС. Како што известуваат од фестивалот, пристигнале некаде околу 60 филма. Стручното жири селектираше 25 кои можеа да се видат пред проекциите на долгометражните филмови. Жирито во кое членуваа: Стефан Сидовски, професор и кино-аматер, Владо Ангелов, филмолог во Кинотеката и Виолета Живковска, претставничка од генералниот спонзор, ВИП, наградата за најдобар филм му ја додели на Стуки за филмот „Телепатија“. Посебно признание им беше врачено и на Димитар и Леонора Грчеви за филмот „На линија“, додека публиката гласаше за делото со наслов „Е“.

Ова издание на фестивалот, во чија организација се вклучија и „Наше маало“ продукција, донесе и повеќе придружни програми, кои се одржуваа во „Мала станица“ и кои привлекоа доста млада публика. Како прв настан би ја издвоиле Изложбата на филмски плакати на студентите од Европскиот универзитет, која прикажа 22 плакати на познати филмови, со многу интересни и несекојдневни решенија. Изложбата беше поставена во „Мала станица“, а меѓу македонските филмови за кои студентите понудија нови решенија беа: „Пред дождот“, „Превртено“ и „Црно семе“.

Голем акцент годинава на фестивалот беше ставен на пиратеријата, за што многу интересно предавање одржа американскиот експерт Џозеф Бек на Правниот факултет во Скопје. Ексклузивен гостин на фестивалот беше хрватскиот режисер Далибор Матаниќ, како и Никола Коџабашија кој одржа работилница за филмска музика.

Се на се фестивалот кој годинава се одржа под мотото „Целосен филмски третман“ можеби не донесе нови стандарди, и не ја покрена нашата публика да земе малку поинтензивно учество во фестивалските случувања, но секако ги разбранува нештата во градов и привлече внимание. Публиката дојде во киносалите, имаше интересни работилници и предавања, имаше свирки и случувања за кои се говореше. Она што е најважно е дека и покрај техничките пропусти, и покрај некои пропусти во организацијата, и покрај тоа што салите не беа полни, а требаше со оглед на понудата, сепак, фестивалот се одржа и тоа во добра и позитивна атмосфера. Дури и во овие услови на пиратерија и рамнодушност на публиката. „Целосен филмски третман“ можеби немаше, но тоа беше интенцијата која имаше добар одѕив. А тоа е доволно.


Статијата е прочитана 209 пати.

Испрати коментар

Од: bibby
Датум: 07.04.2008 15:41:19
polna sala - 20 luge shto vlegle so gratisi
Од: jana K.
Датум: 07.04.2008 12:57:09
Najmnogu gledaci na "Bnatresna Imperija"??? Ha, ha. Ocigledno najmnogu od tie sto otisle da go gledaat filmov, nemale poim sto idat da gledaat. Za da se gleda Lynch, se bara dobra podloga, znaenje. Mora da imale nocni mori ............
Од: jas i samo jas
Датум: 07.04.2008 03:05:51
Се чудам, зошто оваа ревија на филмови, ја нарекувате Фестивал ? Пред се, нема натпреварувачка програма. За да биде фестивал, треба да има макар една, било каква програма-награда (дебитанско остварување, најдобра режија, монтажа...(за камера имаме фестивал-манаки)...било каква награда) Ако се воведе таква програма, ревијата ке постане во мал фестивал и ќе има престиж по кој многу уметниции ке "трчаат" да го земат.

Најди! во Утрински
Култура
Легендарниот Бен Хур почина во 84. година
СВП не потврдува дали Фатос Арапи е лауреат на „Златниот венец
Премиера на „Скопје и се' е можно“ во „Фросина“
Романтично патување низ машко-женскиот свет
Заокружено дигиталното дело на Драги Михајловски