06.04.2008, 16:36 Романтично патување низ машко- женскиот свет
„Јинг и Јанг“ на Националниот балет од Љубљана донесе интересни кореографии на отворањето на „Танц фест“
Тина Иванова
Женски танчарки во првиот дел, во вториот само машки - раздвоени, како навидум крајно спротиставени битија без ниту една заедничка допирна точка, некаде во некоја ситуација го наоѓаат магнетот кој ги соединува и ги прави едно исто, единствено суштество. Темата маж и жена, како најприсутна во историјата на човештвото обелоденета во различни варијации особено во литературниот израз, беше движечка сила и во балетскиот современ перформанс „Јинг и Јанг“ на Националниот балет од Љубљана, со кој во петокот вечерта во Македонската опера и балет се отвори четвртото издание на „Танц фест“.
Во амбиент од минималистичка сценографија и костими, балетот „Јинг и Јанг“ составен од две различни кореографии, првата на Лео Муиќ под наслов „Таа е исчезната“ и втората на Роберт Норт наречена „Играта Трој“, понуди еден интересен танцов израз соединувајќи ги модерните техники на танцување со класичната балетска школа. Првата кореографија, во која авторот тежнее да ја прикаже елеганцијата на женската гестикулација, но пред се убавината на женското тело, неговата сензуалност и еротичност, донесе романтична, едноставна игра што преку изразената симболика на движењето демонстрира несекојдневен ракопис на танцовите елементи. Оваа кореографија беше поткрепена со убавата музика на големиот мајстор Јохан Себастијан Бах и претставникот на т.н. ренесансен класицизам, Феручо Бузони, која во живо на пијано ја изведуваше Ирина Миливоевиќ, како и со електронската музика на Маркус Маедер. Танчарките од Балетот од Љубљана покажаа одлична техничка подготвеност, но акцентот пред се беше ставен на поетичноста на нивните движења, како контраст на она што донесе втората кореографија.
„Играта Трој“ го слика современиот маж на еден ироничен начин, давајќи му ја улогата на ’мачо тип’ кој се ’перчи’ со своето атлетски градено тело, со акробатските и боречки вештини како што се аикидото или капоерата. Оваа кореографија, на музика на бразилскиот субизраз на самбата ’батукада’ и на Боб Доунс, вешто изведена од страна на танчарите од Љубљана облечени како гладијатори, прикажа разновидни стилски танцови изрази кои иако не донесоа новина во современиот балет, оставија силен впечаток кај присутните во салата на МОБ.
Националниот балет од Љубљана првпат гостува во Скопје и донесе креативни кореографски идеи. Но и според коментарите особено на редовните проследувачи на балетската уметност, претставата не се доближи до она ниво што „Танц фест“ го пласираше минатата година на отворањето, со гостувањето на атрактивниот Португалски балет.
Традиционално и годинава, „Танц фест“ своето патување го почна со доделувањето на наградата „Менада“ за врвни достигнувања во балетската уметност. Овој пат, сосема заслужено, големото признание му припадна на доајенот на македонскиот балет, Екрем Хусеин, кој, како што истакна кореографката Олга Панго која му ја врачи наградата, сиот живот неуморно и го посвети на играта остварувајќи перфектни креации на ликовите кои ги толкуваше во текот на својата долгогодишна кариера. Екрем Хусеин наместо со зборови, се заблагодари со тоа што најдобро умее да го прави-танцот. Публиката го поздрави на нозе, со долготрајни овации.
|