28.03.2012, 18:44 Европскиот парламент може да го отфрли договорот АКТА
(фото: http://owni.fr/)
Критичарите на договорот тврдат дека тој ќе го олесни затворањето и контролата на интернет страниците
Европратениците може да го „закопаат“ спорниот договор за борба против пиратеријата АКТА, доколку го отфрлат уште пред да биде извршена правна оценка на документот, соопшти Европската комисија.
Портпаролот на Комисијата Џон Кланси изјави дека ако во Европскиот парламент има согласност да се гласа негативно, тоа ќе значи дека прашањето е затворено и дека договорот АКТА нема да стапи во сила.
Во јануари 22 од 27-те земји членки на ЕУ, како и Европската комисија го потпишаа договорот, кој предизвика загриженост дека посегнува по слободата на интернет. Во голем број земји беа организирани протести против АКТА, што беше потпишан и од САД, Јапонија, Австралија, Канада, Јужна Кореја и Сингапур.
Критичарите на договорот, кој утврдува светски стандарди против фалсификуваните стоки, лекови и интернет пиратеријата, тврдат дека тој ќе го олесни затворањето и контролата на интернет страниците.
Со цел да ги намали тензиите, минатиот месец комесарот на ЕУ за трговија Карл де Гухт изјави дека ќе побара Европскиот суд да се произнесе дали АКТА крши некои од основните човекови права и слободи или некои од законите на ЕУ. Сепак, вчера Комисија на ЕП за трговија гласаше против тоа да се приклучи кон слично барање од страна на ЕК и со тоа го расчисти патот за општо гласање за АКТА во Европскиот Парламент во јуни.
Доколку беше одлучено Европскиот суд да се произнесе по законитоста на АКТА, процедурата ќе траеше до 20 месеци.
Се` уште не е јасно дали европратениците ќе ја исполнат заканата да го отфрлат договорот АКТА пред Судот да се произнесе по него. Даниел Каспар, портпарол на Комисијата на ЕП за трговија од конзервативната Европска народна партија, изјави дека во следните неколку месеци Парламентот треба да покаже поголема флексибилност во однос на прашањето како да постапи понатаму.
Според неговиот колега од групата на социјалистите и демократите Бернд Ланге, групата цврсто решила да го отфрли договорот. - Од самиот почеток тоа беше грешка. Фалсификувањето на стоки и интернет содржини не се врзуваат во еден и ист договор. Не можеме да го подржиме текстот во таков облик. АКТА ќе биде отфрлен уште пред летото, истакна тој. |