28.03.2012, 14:03 Наградата „Роман на годината“ врачена на Снежана Младеновска-Ангелков
Мило ми е што жирито ја виде хуманистичката нота во овој, многу строг нехуманистички роман, вели лауретката на наградата на „Утрински весник“
„Мило ми е што жирито ја виде хуманистичката нота во овој многу строг нехуманистички роман и наградата која ја добивам за него е само поттик да работам и создавам нови дела“, рече на вчерашната свеченост Снежана Младеновска-Ангелков, годинашна лауреатка на наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“. Нејзината книга „Единаесет жени“ беше избрана да ја понесе оваа престижна книжевна награда во конкуренција од 31 роман, а за изборот одлучуваше петчлено жири во состав: Душко Родев, минатогодишниот лауреат, м-р Трајче Кацаров, Ирена Јорданова, д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева и Манчо Митевски.
Во Културно-информативниот центар, вчера напладне, пред голем број почитувачи, љубители и поддржувачи на пишаниот збор, се одржа традиционалната пригодна свеченост по повод доделувањето на наградата „Роман на годината“, која годинава се доделува по 13. пат. На добитничката и' беше врачен чек од 150 илјади денари од страна на покровителот „Т-мобиле“, статуетка, како и рачно изработена теракота, која и' ја подари градоначалникот на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ.
Авторката Снежана Младеновска-Ангелков, видно возбудена, додаде и дека оваа награда треба да биде поттик и за останатите автори, да погледнат длабоко во себе и да го напишат својот роман на годината.
„Единаесет жени“, чиј издавач е „Или-или“, е прв роман на младата авторка Снежана Младеновска-Ангелков (35), која дипломирала на Факултетот за драмски уметности на отсекот за филмска и ТВ-монтажа, прва нејзина книжевна објава, наедно и прва книжевна награда.
„Поврзаноста на филмот и литературата секому е позната. Филмот како помлада уметност се инспирира од богатите книжевни текстови и се обидува да ги долови сложените чувства и состојби и да ги преточи во моќна филмска слика. Од друга страна, филмската слика може да се опише со илјада збора. Се обидов, по минималистичкиот принцип за едноставен и јасен стил, да употребам помалку зборови, но секој од нив да има своја тежина. Стилот што го користам во романот ја претставува мојата лична борба против недостатоците на нашето, за жал, во многу сегменти, малограѓанско општество“, додаде Младеновска-Ангелков.
Претседателот на жирито, Душко Родев, читајќи го образложението за наградата, рече дека романот на Снежана Младеновска-Ангелков го носи духот на македонската полуурбана или квазиурбана средина во 1980-тите години на 20 век. „И како малку романи во македонската книжевна традиција, главен лик е жена, поточно девојче, кое светот го доживува низ призмата на детските очи и тој свет го засведочува во уверлива приказна. А, нејзиниот свет се жените од зградата во која живее, сите оние Лидии, Донки, Евгении, Таски, Верици итн., обично во литературата именувани како ’мали луѓе‘. Тие ни се познати, пред се', од традицијата на руската и француската литература. Но, овде тие не се наивни, добродушни сограѓани кои се маргинализирани од општеството, туку активни актери на малограѓанскиот, грд и насилен дел на човековата личност“.
На свеченоста се обрати и главниот и одговорен уредник на „Утрински весник“, Соња Крамарска, која рече дека целта на наградата, која постои исто толку години колку што постои и „Утрински весник“, е да се промовираат добри романи и, секако, талентирани автори. „Среќни сме што нашата манифестација од година на година буди се' поголем интерес. Досега низ нашата Редакција поминаа 400 романи од македонски автори, што е импресивна бројка. Тоа го сметам за навистина голем придонес за македонската романистика“.
Виктор Доневски, извршен директор на „Медија принт Македонија“, компанија на која и' припаѓа и „Утрински весник“, истакна дека МПМ и во иднина ќе продолжи да ги поддржува овие проекти и да инвестира во нив, со цел да им се покаже на писателите дека нивните дела се вреднувани.
„Секоја година наградата поттикнува зголемено творештво, како на веќе етаблирани автори, така и нови дела од непознати автори. Овој факт е доволен да заклучиме дека ’Утрински весник‘ ја постигна целта и дека е веќе етаблиран како сериозна нишка во поддршката на македонската литература“, рече Доневски.
Димитар Ковачевски, извршен директор на област за комуникација во „Т-мобиле“, истакна дека „Т-мобиле“ е секогаш отворен кон младите луѓе и ги препознава нивните таленти. „Затоа ние како компанија сме особено горди што ’Т-мобиле‘ е главен поддржувач на овој настан, кој, од една страна, е традиција и ги отсликува вистинските книжевни вредности на наш терен. Од друга страна, пак, среќни сме што со оваа награда даваме признание на автор, пред кого јас сум цврсто убеден, допрва претстојат предизвици и признанија за потенцијалот што го носи во себе“.
На крајот од свеченоста, следејќи ја традицијата, актерката Билјана Беличанец го интерпретираше фрагментот „Евгенија“ од наградениот роман „Единаесет жени“, кој е составен, всушност, од десет целини насловени со по едно женско име.
фото: Киро Попов |