28.03.2012, 23:35 Џорџ Буш постариот ќе го поддржи Мит Ромни
Поранешниот американски претседател Џорџ Буш постариот има намера да го поддржи Мит Ромни во трката за републикански кандидат на претседателските избори во САД во ноември годинава.
Според американските медиуми, ова ќе биде соопштено утре, кога пред новинарите заедно ќе се појават Буш и Ромни. Поддршката што Ромни ќе ја добие од Буш покажува дека Републиканската партија полека се обединува во поддршката на поранешниот гувернер на Масачусетс, како и дека се зголемува притисокот на претставниците на конзервативното крило на партијата Рик Санторум и Њут Гингрич да се повлечат од трката.
Ромни веќе доби поддршка од поранешната прва дама на САД Барбара Буш и нејзиниот син, поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш.
Поранешниот гувернер на Масачусетс досега има освоено 569 делегати во Националната републиканска конвенција, Санторум 262, Гингрич 136, а Рон Пол 71 делегат.
За освојување на претседателската номинација потребно е еден кандидат на прелиминарните избори да освои вкупно 1.144 делегатски места. |