30.03.2012, 21:05 Во продажба монографија „30 години Скопски џез фестивал“
Монографијата на 384 страници, во тврд повез, прикажува околу 500 авторски и уметнички, претежно црно-бели фотографии
Во продажба излезе монографијата „30 години Скопски џез фестивал“, која беше подготвена минатиот октомври со цел обележување на 30-от јубилеј на оваа реномирана манифестација.
Монографијата на 384 страници, во тврд повез, прикажува околу 500 авторски и уметнички, претежно црно-бели фотографии, реализирани за време на фестивалските концерти во Скопје, при што доминираат делата на еден од најпознатите светски џез-фотографи - Жига Коритник.
Ова капитално издание на Установата за уметнички дејности - Скопски џез фестивал, исто така, содржи и неколку авторски текстови на некои од најреномираните светски музички експерти: Франческо Мартинели, Мајк Хенеси, Бил Шумејкер и Џералд Селигман Воведниот текст, пак, во кој се опишува суштината и значењето на Фестивалот, го подготви познатиот македонски музички критичар Љупчо Јолевски.
Монографијата, едновремено, ги прикажува и дизајнерските остварувања во текот на историјата на Фестивалот: плакати, календари, насловни страници на компакт-дискови издадени под етикетата на Скопскиот џез фестивал и сл., а завршува со хронологија на сите исполнителите во текот на 30-те фестивалски години. Со многу амбициозниот и квалитетен дизајнерски и графички пристап, дело на агенцијата „Зип-Зап“, оваа монографија претставува репрезентативно издание, сосема референтно и во пошироки светски рамки.
Скопскиот џез фестивал е една од водечките и најпрестижните меѓународни културни манифестации во Македонија. Во својата 30-годишна историја, Фестивалот презентираше речиси се што е значајно на светската џез-сцена, и изврши огромна улога и влијание во развојот на музичката култура, како кај нашите музичари така и кај аудиториумот, едновремено развивајќи ја и визуелната култура преку дизајнот.
Монографијата „30 години Скопски џез фестивал“ може да се купи во книжарниците „Култура“, „Матица Македонска“, „Табернакул“, „Три“, „Или-Или“ и „Икона“. |