Мајки и деца
Крадам од сонот за да добијам време
За да им помагаат на децата во извршувањето на училишните обврски, многу мајки прават компромиси со своето слободно време
Валентина Тодоровска
Учебната година се' повеќе зема замав, а периодот пред тромесечјето е стресен и за учениците и за родителите. Првите се обидуваат да фатат чекор со материјалот, а родителите да ги усогласат обврските дома и на работа. Да им се помага на децата во извршувањето на училишните обврски се смета за нормална работа, но како се спроведува тоа во секојдневјето?
Современите теоретичари добро знаат на какви препреки наидуваат родителите. Особено мајките - нивната работна недела значи и „тривијалности“ од типот - ужинка за в училиште, ручек, чистење, работа со децата .... Дневни потфати што се вредни за восхит.
Доколку кон тоа се додаде константата дека училиштето ја негува духовната и физичката убавин�� на младата генерација, јасно е колку мораме да станеме скала во искачувањето на долгиот образовен процес.
И затоа многу родители ќе се сложат дека особено фрустирачки податок е сознанието дека мора да најдат начин и однапред да го испланираат времето што му е неопходно на нивниот ученик.
На оваа тема разговаравме со мајки, кои секогаш како со волшебно стапче успеваат да ги стават нештата на свое место. Еве како жонглираат со своите обврски и со училишните обврски на децата.
Билјана Беличанец-Алексиќ има оптимистички став дека кога се сака, се' се може! Нејзиниот сон што се случува на јаве е да е реализирана и употребена актерка, сопруга, а, пред се', мајка.
„Признавам дека некогаш тоа изгледа како маратон, но со брзина на спринт и е возбудливо - лудо“, вели Билјана. „Малата принцеза Мона има речиси 5 години и ја врви последната година на детството без обврски, во градинка. А мојот самурај, Лука, има 9 години и оди во трето одделение во ОУ ’Димитар Миладинов’, батко, кој мечтае да стане гитарист и да има свој бенд... Значи, покрај училиштето, слободното време го користи барајќи се себеси преку додатни активности, како што се игроорна, кошарка, гитара, англиски и, секако, дружба во маалото, со братучедите, но и со другарите и другарките од училиштето“. Билјана вели дека целодневната настава навистина ги олеснува работите преку неделата, но тоа не значи дека за викенд не се вежба и не се учи.
„Најчесто јас сум таа што е во улога на наставничка по дома, и тоа поприлично строга, а тато е добрата вила што исполнува желби“, се шегува нашата соговорничка.
Сепак, постојат денови кога навистина тешко се усогласуваат нејзините обврски и обврските на сопругот и тогаш напомош пристигнува петтиот член на семејството, баба Јана, која во попладневните часови многу често ја презема улогата на родител.
Татјана Стојановска вели дека успешно балансира меѓу своите обврски и обврските на својот син. Матеј има 12 години и е седмоодделенец. Тања смета дека инвестицијата во нив е секогаш сигурна инвестиција за родителите, што во превод значи одговорност, грижа, внимание, но и задоволство и убави моменти што го исполнуваат животот.
„Матеј е самостоен, но е на возраст кога грижата е поголема за се' што носат тие луди години“, ни раскажува Тања. Се обидувам на син ми, пред се', да му бидам пријател и да разговараме за се' што му се случува отворено. Контролата е неопходна, ама и неговото право на слобода. Во извршувањето на училишните обврски е самостоен, но јас сум секогаш тука да му помогнам“.
Тања вели дека секоја возраст подразбира различни обврски за родителот, но носи и различни задоволства. Мало дете значи мали обврски, а големо - големи обврски. Како што се намалува зависноста од родителот, така се зголемува грижата на родителот за детето, сите сакаме децата да бидат поуспешни од нас...
И Сузе Турунџиева има дома тинејџер, а за обврските на Лора, имала-немала време, мора самата да си го создаде. Неретко нејзините потфати се граничат со неможното, си краде од сонот, си ги намалува своите потреби, но досега се нема случено да заборави на родителска средба или да не ја преслуша Лора пред некоја контролна работа.
„Бидејќи таа веќе влегува во фаза на девојка што има многу поинакви потреби, проблеми и обврски со кои се' уште не умее да се справи, се трудам да бидам добра мајка, а тоа не се учи од книга, туку со многу искуство, трпение и љубов.. Учиме заедно онолку колку што таа има трпение“, ни го кажа Сузе својот рецепт.
Ирена Спировска го смета почетокот на секоја нова учебна година за вистинско доживување и заедно со ќерка и' Зорица ужива во подготвителниот период, но...
„И децата се пренатрупани со домашни, тестови, повторување на градиво и понекогаш кога сум на работа, Зорица ми се јавува за помош, па се случува да го пишуваме домашното по телефон“, искрена е Ирена. „Најчесто се враќам дома по 17 часот, па таа во овој период е заедно со баба и' и со дедо и'. Мојот татко целиот работен век го има поминато со ученици, работејќи како наставник и неговото искуство на тоа поле е огромно, така што Зорица има од кого и што да научи. Татко ми беше строг родител кога е во прашање училиштето во периодот кога јас и брат ми бевме ученици, но сега со внука му е попустлив и потолерантен. Често и' помага во домашните задачи заедно со баба Соња, а јас не сакам тоа да и' премине во навика, па често се бунам за ваквата помош, ја наследив строгоста од татко ми....“
Зорица годинава е петтоодделенка, а тоа подразбира повеќе обврски од претходните години и, се разбира, повеќе работа. Ирена верува дека најважно е децата да се научат на самостојна работа и што помалку да зависат од родителите. Така повеќе ќе се потпираат на себе и на своите способности.
Сузана Турунџиева
И Сузе има тинејџер дома, а за обврските на Лора, имала-немала време, мора самата да си го создаде
Билјана Беличанец-Алексиќ
Актерката има оптимистички став дека кога се сака, се' се може. Мона има речиси 5 години, а Лука (9) оди во трето одделение
Татјана Стојановска
ТВ-презентерката вели дека успешно балансира меѓу своите обврски и обврските на својот син Матеј |