Дејвид Швимер и Кортни Кокс
Свадби и разделби на „Пријатели“
Американскиот актер Дејвид Швимер, најпознат по улогата Рос Галер во серијата „Пријатели“, тајно се оженил со својата свршеничка, Британката Зои Бакман, објави списанието „Хелоу“. Тие се венчале во јуни, на мала приватна церемонија, потврди претставникот на актерот. Се запознале во 2007 година, додека Швимер престојувал во Лондон, каде што ја режирал романтичната комедија „Трчај, дебело момче, трчај“. Неговата колешка од серијата Кортни Кокс и нејзиниот сопруг Дејвид Аркет соопштија дека се разделиле пред извесно време, но оти ќе останат најдобри пријатели . Во заедничкото соопштение се прецизира дека станува збор за „пробна разделба“. „Одлуката да се разделиме ја донесовме со цел да се разбереме сами себе и кои квалитети ни се потребни кон партнерот и кон подобар брак. Остануваме најдобри пријатели, одговорни родители на нашата ќерка и се' уште многу се сакаме“, изјавија артистите. Кортни Кокс (46) и Дејвид Аркет (39) се запознале во 1996 година на снимањето на филмот „Крик“, а се венчаа три години подоцна и имаат шестгодишна ќерка. Кортни Кокс се прослави во хумористичната серија „Пријатели“, а моментално игра во серијата „Кугар таун“, а Дејвид Аркет е извршен продуцент и играл во многу филмови, како што се „Сива зона“, „3.000 милји до Грејсленд“ и др. |