Норвежанките предодредени за злато
Соорганизаторот на 9. ЕП во ракомет за жени во финалето ја победи Шведска со 25:20
Седмо финале, петто злато, четврто во низа! Норвешките ракометарки покажаа дека им нема рамни и на 9. Европско првенство што го организираа нивната земја и Данска од 7 до 19 декември, каде што во финалето ја совладаа Шведска со 25:20. Тие се прва ракометна репрезентација и во машка и во женска конкуренција што четири пати едноподруго триумфирала на еврошампионатите. Тоа им донесе директно учество на Олимписките игри по две години во Лондон, потоа на Светското првенство 2011 во Бразил, како и на ЕП 2012 во Холандија. Среброто за Швеѓанките, пак, е првиот медал од големите натпреварувања, кој им обезбеди автоматски пласман на мундијалот во Бразил.
Норвешка немаше ни малку лесна задача во мечот за титулата пред исполнетата арена во данскиот град Хернинг. Првото полувреме го обележа битката на двете одбрани, при што шведскиот бедем беше речиси непробоен за Норвежанките, кои се подисплашија дека би можел да им се повтори поразот од источниот сосед од 24:19 во групата од втората фаза. Швеѓанките толку добро играа во одбраната, што главното оружје на противникот - контранападите, не можеше да дојде до израз, а најдобрата ракометарка на првенството Линеа Торстенсон и' создаваше проблеми на најдобрата голманка на шампионатот Катрине Лунде-Харалдсен. Ако Торстенсон и нејзините соиграчи не ја погодеа рамката од голот три пати, тогаш и нивното водство од 11:10 на полувремето ќе беше поубедливо.
Во вториот дел играта на Шведска почна постепено да се урива, напоредно со падот на концентрацијата слабееше и силата на ударите кон противничката мрежа, па многу шутеви беа или блокирани или одбранети од Лунде-Харалдсен. Предводени од ол-стар играчот Гру Хамершенг, бранителот на титулата со серија од 7:2 премина во водство од 17:13, принудувајќи го шведскиот селектор Пер Јохансон да побара тајм-аут.
Неговите избранички во продолжението во три наврата намалуваа негативата на три гола, последен пат на 20:23, но сите дилеми околу победникот ги отстрани Хајди Локе со голот за 24:20 една минута до крајот. Токму Локе беше најефикасна во победничкиот тим со седум гола, колку што на спротивната страна постигна и Изабел Гулден.
Освојувањето на златото беше посебен момент за сите Норвежани, а дополнителна причина за славење имаше младата Нора Мерк, на која ова и' е втор златен медал во 2010 година по тој со јуниорската селекција на СП во Јужна Кореја летоска.
РУСИНКИТЕ САМО СЕДМИ
Конечен поредок: 1. Норвешка, 2. Шведска, 3. Романија, 4. Данска, 5. Франција, 6. Црна Гора, 7. Русија, 8. Холандија, 9. Хрватска, 10. Унгарија, 11. Шпанија, 12. Украина, 13. Германија, 14. Србија, 15. Исланд, 16. Словенија. |