Индијана најнова жртва во победничкиот поход на Бостон
Селтикси ги совладаа пејсерси со 99:88, што е нивни 13 триумф едноподруго
Водечкиот тим во НБА лигата, Бостон, ја продолжи победничката низа. Најновиот триумф, 13. во низа, селтикси го прославија во мечот со Индијана (99:88). Најголем ефект во него имаше Пол Пирс кој го впиша првиот трипл-дабл во сезоната. Постигна 18 коша и додаде 10 скока и 12 асистенции. Глен Дејвис и Нејт Робинсон, исто така, уфрлија по 18 поени, Реј Ален беше стрелец на 17. Предводник на пејсерси беше Дени Грејнџер со 19 коша, Рој Хиберт оствари 17 плус 14 скока во шестиот пораз на гости во серија на Индијана.
Бранителот на титулата, Лос Анџелес Лејкерс, со победа ја заврши гостинската мини турнеја. „Езерџиите“ триумфираа кај Торонто со 120:110. За нив ова е шеста победа во последните седум гостувања и вкупно осма во последните девет натпревари. Најрасположен во составот на Фил Џексон беше Коби Брајант со 20 коша, Пау Гасол додаде 19 поени и осум скока. Но, за одбележување е учинокот на играчите од гостинската клупа кои постигнаа вкупно 57 коша. Најмногу меѓу нив Ендрју Бинам (16 поени, 7 скока) и Шенон Браун (14 поени).
„Момчињата од клупата реагираа одлично. На врвно ниво играа во вториот и третиот период“, рече Џексон по 21 победа во оваа сезона во која неговиот тим забележа и седум порази.
Линас Клеиза со 26 коша и 10 скока беше најистакнат поединец во домашниот состав, најголема помош имаше во Хозе Калдерон (20 коша, 12 асистенции). Торонто и натаму е без услугите на првиот стрелец во тимот, Андре Барњани, па во дуелот со Лос Анџелес Лејкерс мораше да се помири со седмиот пораз во последните девет меча.
Резултати: Бостон - Индијана 99:88, Њу Џерси - Атланта 89:82, Торонто - Лос Анџелес Лејкерс 110:120, Сакраменто - Хјустон 93:102, Њу Орлеанс - Детроит 108:111 (по продолженија), Оклахома - Феникс 110:113. |