Мурињо: Не би платил ни цент за ваков грд фудбал
Судијата направи 13 сериозни грешки, коментираше Португалецот по тешката победа на неговиот Реал со 1:0 над Севилја
Контроверзниот Жозе Мурињо по тешкиот меч со Севилја мавташе со хартијата на која ги запиша сите грешки на судијата Гомез. Иако, неговиот Реал со голот на Ди Марија во 77 минута славеше со 1:0, Мурињо не можеше да ги извади од глава вкупните 13 жолти картони (вклучувајќи ги двата на Карваљо) и едниот директен црвен за бекот на гостите Дабо.
„Судијата направи 13 сериозни грешки. Не се чувствувам под притисок додека ја работам тренерската работа. Но, уморен сум веќе што морам да реагирам на вакви работи. Мојот тим треба да се одбрани, бидејќи ако јас кажам што мислам утре ќе бидам на сите насловни страници од весниците и ќе ме суспендираат. Во клубот има структури кои треба да застанат во одбрана на фудбалерите“, кажа нервозниот Мурињо, по што прозборе и за самиот меч. „Мора да го пофалам мојот тим. Како да е од друга планета. Покажа карактер и победи и покрај исклучувањето на Карваљо. Фудбалерите се сјајни и на тревата и надвор од неа“, посочи Мурињо, кој на масата на претседателот Флорентино Перез ставил лист со три имиња како можни заменици на повредениот Игуаин. Станува забор за Хавиер Хернандез од Манчестер јунајтед и за тандемот на Сити Адебајор и Тевез.
Резултати од 16.коло: Леванте - Билбао 1:2, Вилјареал - Мајорка 3:1, Депортиво - Спортинг 1:1, Еспањол - Барселона 1:5, Реал С. - Валенсија 1:2, Осасуна - Сарагоса 0:0, Алмерија - Гетафе 2:3, Малага - Атлетико Мадрид 0:3, Реал М. - Севилја 1:0. Табела: Барселона 43, Реал М. 41, Вилјареал 33, Валенсија 28, Еспањол 28, Атлетико М. 26........
Милион евра од „Гаспром“
да се засили Црвена звезда
Црвена звезда зимово ќе издвои значителни финансиски средства за да го засили тимот. Неофицијално станува збор за сума поголема од милион евра. На „Маракана“ веќе дојдоа Бразилецот Евандро и Колумбиецот Борха, а на половина пат се Волков, Надсон, Божиќ, Салата...Исто така не би требало да се заборави дека месечната плата на новиот тренер Роберт Просинечки се движи меѓу 12 и 15 илјади евра.
Парите се од генералниот спонзор „Гаспром,“ кој важи за една од трите најбогати фирми во светот во областа со која се занимава. Таа компанија на сметката на Зенит годишно уплатува 70 милиони евра, додека на онаа на Шалке 25 милиони евра по сезона. Звезда, секако, послабо се котира, но може да се намириса желбата дека „Гаспром“ сака да го врати некогашниот европски шампион на вистинската патека.
Барса дава 100 милиони евра
за Торес и Фабрегас!
Управата на Барселона одлучи да ја ангажира целата шпанска репрезентација. Каталонците издвојуваат од својата каса 100 милиони евра за да ги купат Цеск Фабрегас од Арсенал и Фернадо Торес од Ливерпул. Тоа е сумата која пред неколку дена Манчестер Сити ја понуди за нејзиниот бисер Андреас Иниеста.
Лани Арсенал ја доби војната со Барселона, но Шпанците се подготвуваат за нов напад. Работата со Торес може многу полесно да им оди.
Коларов: И кога не' бомбардираа
јас само играв фудбал
Фудбалерот на Манчестер Сити, Александар Коларов, кој е добар пријател со Горан Пандев, од времето кога играа заедно за Лацио, за магазинот „Манк“ зборуваше за тоа како не било воопшто лесно да се изгради кариерата во Србија.
„Сите српски играчи се гладни за успех и сакаат да направат нешто големо, бидејќи имаат некоја приказна зад себе. Немам кошмари, но на се' се сеќавам многу добро“, кажа Коларов, кој како 14 годишник во 1999 година требаше да го преживее бомбардирањето.
„Бомби паѓаат по градот, а тебе само ти се игра фудбал. Првите неколку дена се плашиш, а потоа секој ден е ист. Бомбите паднаа и близу мојата куќа, прозорците се искршија. Рушени беа мостови, имаше и протестни концерти, но јас не одев. Јас само играв фудбал“, вели Коларов. |