Ракометарите комплетни против Египет
Со учесникот на СП в четврток во „Кале“ и в петок во Куманово
Роберт Димитриевски
Македонската ракометна репрезентација во комплетен состав ќе му се спротивстави на Египет во контролните средби в четврток од 18 ч. во СРЦ „Кале“ и в петок од 18,30 ч. во Куманово. Освен планираното отсуство на Владимир Темелков поради клупски обврски, селекторот Звонко Шундовски на денешната прозивка во 13 ч. во хотелот „Континентал“ во Скопје ги очекува сите 19 повикани ракометари. Темелков ќе ја прескокне оваа акција на националниот тим поради тоа што неговиот Балинген наредните денови треба да одигра три средби во Бундеслигата поместени од пролетниот дел поради Светското првенство во Шведска во јануари. Синоќа на пат за Македонија требаше да тргне и капитенот Кирил Лазаров од Сиудад Реал, кој во неделата го освои Лига купот на Шпанија.
„По успешниот старт во квалификациите за Европското првенство ова е шанса повторно да се собереме пред продолжението во март. Тогаш два пати едноподруго ќе играме со фаворитот во групата Унгарија и до тие средби нема да имаме други контролни мечеви, па ова е одлична можност да испробаме некои варијанти и новини во играта. Дуелите со една сериозна и доста силна репрезентација, редовен учесник на големите натпреварувања, ќе ни покажат каде сме во моментов и на што треба да обрнеме внимание до продолжението на квалификациите“, вели Шундовски.
Покрај Лазаров, за натпреварите со Египет покани добија голманите Ристовски, Ангелов и Митревски, крилата Алушовски, Манасков, З. Мојсоски и Георгиевски, пикерите Димовски, С. Стоилов и Н. Маркоски, како и бековите Н. Мојсоски, Миркуловски, М. Стоилов, В. Маркоски, Ангеловски, Ф. Лазаров, Кукоски и Левов, кој игра и десно крило.
Египќаните, кои требаше да пристигнат во Скопје синоќа, ја избраа токму Македонија како своја база пред мундијалот во Шведска и тука ќе останат до 28 декември. Како увертира на двомечот со македонската репрезентација, африканската селекција вечерва од 18 ч. и утревечер во истиот термин ќе ги одмери силите со Вардар про во СРЦ „Кале“, а серијата контролни средби во земјава ќе ја заокружи в недела од 18,30 ч. во Куманово против истоимениот суперлигаш. |