ВМРО-ДПМНЕ го третира долгот како партиска тајна, обвини СДСМ
Голем срам е тоа што Владата крие колку пари им должи на приватните стопанственици, оценија вчера од опозицискиот СДСМ. Потпретседателот на социјалдемократите, Зоран Јовановски, посочи дека пет месеци премиерот Никола Груевски дава воопштени формулации, а министрите си ја префрлаат топката, така што и Министерството за финансии се прогласило за ненадлежно во врска со подат��кот.
„Во својата програма ВМРО-ДПМНЕ зборува за ефикасна и транспарентна Влада, но примерот со податокот за долгот на државата кон фирмите покажа дека оваа Влада ниту е ефикасна ниту е транспарентна, туку дека се служи со ситни маалски трикови“, рече Јовановски. Според него, недозволиво е податокот за долгот Владата да го третира како партиска тајна, бидејќи со тоа се испраќа лоша порака и до потенцијалните странски инвеститори. Тоа, како што рече Јовановски, е исто како едно семејство да не знае колку должи затоа што неговите членови не знаат колку се задолжил секој од нив.
Потпретседателот на СДСМ му предложи на министерот за финансии да испрати допис до сите буџетски корисници да му достават податок колкав е нивниот долг кон приватниот сектор. Потоа, некој во Министерството да ги собере сите податоци за, конечно, да може да се соопшти колкав е вкупниот долг. (А.М.М.) |