Стопанска целосно во рацете на Грците
НБГ вчера купи уште 21 отсто од акциите на Стопанска банка, за што плати 35 млн. евра и сега поседува 94 отсто од банката
Соња Маџовска
Стопанска банка отиде целосно во рацете на Националната банка на Грција. Во две блок-трансакции вчера на Македонска берза, за околу 35 милиони евра, НБГ купи уште 21 отсто од ��кциите на најголемата македонска банка. НБГ, која и досега беше мнозински сопственик на Стопанска банка со тоа што поседуваше 75 отсто од акциите, со вчерашните две блок-трансакции сега има вкупно 94 отсто од нејзиниот капитал. Продавач на акциите се ЕБРД и ИФЦ, во чија сопственост беше остатокот од акциите на С��опанска банка.
Овие меѓународни финансиски институции, заедно со НБГ како стратегиски акционери, влегоа во Стопанска банка во 2000 година, а во согласност со тогашниот меѓусебен договор, сега ги продаваат своите удели на мнозинскиот акционер НБГ. Уште пред десет години договорот, всушност, бил дека ИФЦ и ЕБРД влегуваат како асистенција заедно со НБГ во купувањето на Стопанска банка, но со ограничен рок. Односно, штом тие ќе оценеле дека реструктуирањето на банката е завршено, во согласност со договорот, НБГ се обврзува да ги откупи нивните акции.
Инаку, вчера во двете блок-трансакции беа продадени по 1.885.860 обични акции на Стопанска банка, или вкупно 3.771.720, по цена од 573 денари за една акција.
„Блок-трансакцијата беше организирана и изведена во согласност со правилата на Македонска берза, а се однесува на приближно 21 отсто од акциите на банката, при што продажната цена по акција беше договорена на околу 574 денари, а номиналната вредност по акција е 201 денари. Вкупниот блок акции беше откупен за сума од околу 35 милиони евра. НБГ со оваа трансакција стана сопственик на околу 94 отсто од акциите во Стопанска банка и дополнително го потврди својот долгорочен интерес за присуство на пазарот. Оваа трансакција е силен показател за капиталната сила на НБГ и за стабилноста и долгорочниот просперитет на Стопанска банка“, се наведува во соопштението од Стопанска банка. Оттаму додаваат дека, како и во изминатите 65 години, Стопанска банка ќе остане еден од економските стожери во земјава и ќе продолжи да го одржува своето лидерско место на македонскиот банкарски пазар. Од Стопанска велат дека со овој потег НБГ го потврдила својот долгорочен интерес и поддршка, со која ќе продолжи да придонесува во континуираниот развој на банката.
Според извештајот на банката за нејзиното работење во првите шест месеци од годинава, се покажа дека Стопанска банка бележи огромен пад на добивката, која е дури за пет пати помала во однос на истиот период лани. Остварена е добивка од само 1,7 милиони евра, што е огромна разлика во споредба со првите шест месеци од лани, кога добивката изнесувала 9,44 милиони евра. Според неревидираниот извештај на банката, најмногу приходи се остварени од камати и од провизии, додека трошоците ги зголемиле средствата одвоени за лошите пласмани. Според вредноста на капиталот и мрежата на филијалите, Стопанска банка е најголема банка во Македонија, а нејзиниот сопственик НБГ е најголема банкарска групација во Југоисточна Европа. Но, поради економските турбуленции во Грција, и таа соопшти дека во првиот квартал од годинава остварила добивка намалена за неверојатни 93 отсто, споредено со истиот период лани. Добивката, пак, изнесувала 21 милион евра. |