Најголемото шоу на светот мора да успее
До 19 декември повеќе од 15.000 учесници од 192 земји ќе се обидат да постигнат договор за спас на Земјината клима
Неколку дена пред големиот самит за климата се чинеше дека сите напори и преговори ќе бидат попусто. Викендов, кусо пред да допатуваат делегатите во Копенхаген, сепак, дојде до пресврт во расположението, така што шефот на Секретаријатот на ОН за климатски промени, Иво де Бур, можеше да ги дочека гостите со нов оптимизам: „Никогаш досега во 17 години колку што водиме преговори за климата немало толку ветувања од толку држави. Не минува речиси ниту еден ден, а да не дојде нов план за акција со нови зацртани цели за ограничување на испуштањето штетни гасови. Вакво нешто немало никогаш“.
Она што особено може да радува е фактот што и најголемите загадувачи на човековата околина, САД и Кина, исто така, испратија обврзувачки цели за намалување на штетните гасови. Згора на тоа, американскиот претседател Барак Обама ги смени првобитните планови и најави дека ќе се појави во Копенхаген во завршната фаза на самитот, кога фактички шефовите на држави и на влади треба да ги донесат конечните обврзувачки одлуки. Над 100 врвни државници досега најавија дека ќе присуствуваат на завршницата од самитот од 16 до 19 декември. Михаел Цамит Кутајар, раководител на работната група за долгорочни цели, по најавите за толку масовно учество на шефовите на држави и на влади, оцени: „Ова е најголемото шоу на светот и тоа мора да биде успешно“.
Самитот во Копенхаген, според организаторите на конференцијата, ќе биде успешен ако на крајот од двонеделните преговори светот добие сеопфатен и обврзувачки договор за намалување на штетните гасови и другите предизвикувачи на климатските промени. Но, шефот на Секретаријатот на ОН за клима, Иво де Бур, вели „Ако зборуваме за краткорочно финансирање, тогаш во наредните години, 2010, 2011 и 2012 година, мора да имаме обезбедено по десет милијарди долари. Но, уште отсега знаеме дека на подолг рок ќе ни требаат значително повеќе средства. Ако зборуваме за 2020 или 2030 година, тогаш станува збор за стотици милијарди долари...“. (Дојче веле)
|