Марин Ле Пен јавно против муслиманите
Ќерката на националистот Ле Пен, е новото „страшило“ на француската политичка сцена
Париз – Традиционалната десница (владејачката УМП) веќе ја согледа опасноста од растечката моќ на Марин ле Пен, ќерка на Жан Мари ле Пен - лидер на Националниот фронт (НФ). Таа се очекува наскоро на внатрешните избори на НФ да го заземе лидерското место.
Според француските опсерватори на политичката сцена, Марин ле Пен за разлика од татко и' има „поприфатлив“ имиџ кај Французите, а и таа работи на „десатанизација“ на партијата.
Во услови кога владејачката партија УМП се' поостро се врти кон вредностите на традиционалната тврда десница, заострувајќи ја политиката кон странците и безбедносната политика од страв дека е можен обратен 22 април 2002 година, односно во 2012 година во вториот круг да се најдат кандидатот на левицата и тој на НФ. Марин ле Пен ја потврди ориентацијата на својата партија – расизам и ксенофобија.
При нејзиното последно медиумско обраќање таа ги спореди молитвите на муслиманите што се одвиваат на улиците пред џамиите во Франција со германската окупација, зборови што беа веднаш осудени. Се разбира, тие не се разликуваат многу од оние на нејзиниот татко Жан Мари ле Пен, која, според Жан-Франсоа Копе, првиот човек на УМП, има „иста личност“ како нејзиниот татко.
Жан-Франсоа Копе смета дека УМП и владата треба да биде поофанзивни во однос на безбедносната политика и политиката кон странците, но последното свртување на претседателот Никола Саркози минатото лето, илустрирано со протерувањето на Ромите, предизвика бран негодувања не само во Франција, туку и пошироко.
Од своја страна, пак, социјалистите сметаат дека владата, со радикализацијата на својата политика, е виновна за „воскреснувањето“ на НФ, но ниту една умерена политичка партија во Франција не можеше успешно да одговори на загриженоста на Французите што делумно се изразува и со нивното протестно гласање во корист на НФ. (МИА)
|