Хашим Тачи се прогласи за победник на изборите
Неговата партија, според неофицијалните резултати, освоила околу 34 отсто од гласовите
Приврзаниците на Демократската партија на Косово вчера до раните утрински часови на улиците и на плоштадите во Приштина ја славеа победата на својата партија на вонредните парламентарни избори на Косово. Победата е наша, порача лидерот на партијата и актуелен косовски премиер Хашим Тачи во обраќањето до задоволните членови и поддржувачи на партијата.
„Изборите беа референдум за европската иднина на Косово“, порача Тачи.
Неговата партија, според неофицијалните резултати, освоила околу 34 отсто од гласовите, додека нејзиниот поранешен коалициски партнер во владата, Демократскиот сојуз на Косово, околу 25 проценти. Меѓутоа, двете партии се длабоко спротивставени.
На Хашим Тачи нема да му биде воопшто лесно формирањето нова влада. На трето место, според неофицијалните резултати од изборите, е движењето Самоопределување со околу 15 отсто гласови. Многумина набљудувачи сметаат дека ова националистичко студентско движење ќе се погрижи за возбудувања во новиот парламент. Тоа се смета за екстремистичко и се потпира, главно, на младите гласачи, кои повеќе не веруваат во ветувањата на етаблираните партии.
На четврто место е Алијансата за иднината на Косово на поранешниот премиер Рамуш Харадинај со 10 отсто, а на петто е Алијансата ново Косово, која освоила околу 7,5 отсто гласови. Овие партии го минаа законскиот праг од 5 отсто за стекнување пратенички места во 120-члениот косовски парламент. Десет места во него се загарантирани за српското малцинство.
Дел од Србите, главно, оние што живеат на северот на Косово, го послушаа повикот на владата во Белград и ги бојкотираа изборите. Претседателот на Српскиот национален совет за северно Косово, Милан Ивановиќ, изјави дека од вкупно 140 илјади Срби со право на глас, на изборите излегле само 15 илјади. (Дојче веле) |