Колку „швајцарско“ е потребно за да се заслужи белиот крст?
Околу 6.400 регистрирани заштитни жигови го содржат швајцарскиот крст, но 220 од нив се на странски компании
Водата за плакнење на устата на семејната компанија на Томас Миндер веќе три генерации го носи белегот со швајцарското знаме, бел крст на црвена заднина, потпирајќи се на репутацијата на земјата за квалитет, чистота и доверливост. „Швајцарското во маркетингот на производите за широка потрошувачка е од суштинско значење“, вели Миндер, извршен директор на компанијата „Трајбол“. „Тоа вреди повеќе од ’кока-кола‘“.
Миндер е во првите редови во кампањата за повлекување од пазарот на „швајцарскиот“ јогурт направен од американско млеко и на „швајцарската“ козметика произведена во Германија. Произведувачите на часовници, вклучувајќи го и „Своч груп“, неодамна предложија заострување на правилата за часовници со жигот „произведено во Швајцарија“, како дел од напорите за зачувување на националниот бренд и заштита на годишниот извоз на Швајцарија од 240 милијарди франци.
Државата има репутација на земја на која може да и' се верува, што во голема мера произлегува од регулативите за банкарска безбедност што датираат од 17 век, кога банки од Женева му дадоа заеми на кралот Луј Четиринаесетти од Франција.
Околу 6.400 регистрирани заштитни жигови го содржат швајцарскиот крст, името на земјата или друга референца на Швајцарија, според адвокатската компанија „Мејер Лустебергер“ во Цирих, која го истражуваше ова прашање за владата. Но, 220 од заштитните жигови се во сопственост на странски компании, а исто така постои растечка тенденција меѓу компаниите што се фалат со швајцарски корени за да постигнат нивните производи да ги намалат трошоците во странство, вели Сајмон Холцер, адвокат од компанијата.
Комерцијалната употреба на швајцарскиот крст е незаконска, дури и за производи произведени во земјата, но владата признава дека законот со кој се дозволува употреба на симболот е двосмислен и тежок за спроведување, па предлага разјаснување на регулативите.

Федерацијата на производителите на швајцарски часовници апелираше до власта да инсистира на тоа дека најмалку 80 отсто од механичките часовници, или 60 отсто од дигиталните, мора да потекнуваат од Швајцарија за да се квалификуваат за „произведено во Швајцарија“. Според сегашните регулативи, само механичките треба да бидат барем половина швајцарски.
Секоја година низ светот се произведуваат околу 40 милиони фалсификувани швајцарски часовници, во споредба со 25 милиони автентични парчиња, според бројките изнесени од Жак Душен, претседател на Комитетот на излагачи на саемот за часовн��ци „Базелворлд“.
Миндер вели дека проблемот оди подалеку од часовниците. Во мај тој објави реклама на цела страница во локален весник во која апелира до „Еми“, најголема компанија во земјата за млечни производи, да престане со користење на швајцарскиот крст на јогуртот произведен и пласиран на пазарот во САД.
„Еми“ соопшти дека била принудена да користи американско млеко поради американските регулативи за здрава храна. На амбалажата на јогуртот не е наведено дека млекото не е швајцарско, но тој сепак го носи амблемот на „Еми“ што го содржи крстот. „Тешко е да се разбере зошто швајцарските компании не треба да го користат швајцарскиот крст“, вели Рут Стаделман, портпаролка на „Еми“, која додава дека „мора да постои јасно, единствено правило“ што ќе се однесува на сите употреби на националниот амблем.
Владата призна дека не е изводливо воведување забрана за употреба на крстот и наведе дека ќе предложи промени на законот со кој ќе се овозможи и симболот и „произведено во Швајцарија“ да се користат на секој производ или услуга која според законот е швајцарска. Но, не го дефинираше швајцарското. Како пример за загатката со која се соочува, владата го наведе „Хувента“, произведувач на козметички препарати во сопственост на „Бајерсдорф“. „Хувента“ произведува во странство, но сепак го користи жигот „од Швајцарија“ во својот маркетинг, бидејќи нејзините истражувачки и развојни дејности се одвиваат во земјата. Владата не посочи дали ќе предложи таквите практики да бидат прогласени за незаконски. (Блумберг њус) |