Кој ќе ја наследи Еленовска во Советот
На огласот се јавиле петмина кандидати од етничките заедници
Гордана Дувњак
По враќањето од одмори, во септември судската фела ќе избира свој претставник во Судскиот совет од редот на етничките заедници. Тој треба да дојде на местото на скопската апелацис��а судијка, Мируше Еленовска, која на 29 август исполнува услови за пензионирање.
И покрај практиката на денот на разрешувањето да се избере новиот член на Советот, овој пат нема да се случи тоа. Советот проценил дека поради летната ферија, не е добро да се спроведува гласање во август кога вратите на судовите се затворени, а судиите заминати по одмори, па затоа изборите ќе се организираат во средината на септември.
Од Судскиот совет информираат дека на огласот распишан на 31 мај оваа година се пријавиле шестмина кандидати, од кои еден е елиминиран, бидејќи не доставил комплетна документација. На местото на Еленовска претендираат тројца припадници од албанската заедница, еден од српската и еден судија што се изјаснил како Бугарин. Тоа се: Ахмети Рушити од Апелациониот суд во Гостивар, Мерсељ Пајазити од скопскиот Апелационен суд и Шемседин Јусуфи од Основниот суд во Тетово, потоа Зорица Цунгаровска од Основниот суд - Скопје 2, како и Славчо Тасев од Апелациониот суд во Штип.
На последната седница пред одморите закажана за 1 јули, Судскиот совет ќе ја утврди кандидатската листа и ќе донесе одлука во рок од најмалку 30 дена да се одржат избори.
Изборната процедура што ќе се спроведе е идентична на онаа што се одржа кога се контитуираше Судскиот совет кога осуммина судии беа избрани на тајни и непосредни судии. За разлика оттогаш кога се гласаше на две листи, една општа од која се избираа петмина кандидати и една посебна единствена листа од која беа избрани тројца членови, сега ќе се гласа на „етничката листа“. Над 660 судии ќе го изберат наследникот на Еленовска од редот на петтемина кандидидати што се пријавиле на огласот.
Судскиот совет ќе формира комисија што ќе ги подготви изборите, составена од претседател, двајца членови и заменици. Тие треба да го подготват изборниот материјал и да формираат избирачки одбор. Пет дена по распишувањето на изборите, на увид во судовите ќе се достави Судскиот изборен именик, кој ги содржи основните податоци за сите судии и е своевиден пандан на единствениот избирачки список.
Гласањето ќе се спроведе во работен ден. Гласачките кутии ќе бидат отворени во 8 часот, а ќе се затворат во 15 часот. Судиите ќе гласат со судиска легитимација. Избирачкиот одбор во рок од 24 часа од затворањето на кутиите треба да го достави записникот, а во рок од 48 часа да ги соопшти резултатите.
Мандатот на член на Судски совет трае шест години со право на реизбор. На огласот може да се јави секој судија што во моментот на објавувањето на огласот врши судиска функција и што има најмалку пет години судиски стаж. Еден од условите е и неговите идни колеги во Советот три години едноподруго да му дале позитивни оценки за неговата работа. |