Се подготвува стечај во ССМ
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните орг��ни и здруженијата на граѓани - УПОЗ, Ванчо Муратовски, вчера обвини дека седницата на Советот на ССМ е нелегитимна, бидејќи се одржала без кворум и на неа не бил усвоен записникот од минатата седница на која Муратовски бил разрешен од претседател на ССМ, а на негово место избран в.д. претседателот Живко Митревски.
„Кога видовме дека на седницата нема да биде усвоен записникот од минатата седница, осуммина членови на Советот си заминаа. На седницата имаше 39 члена. Откако отидовме, останаа 31 член, а за да се носат одлуки на Советот му се потребни најмалку 33 члена“, изјави Муратовски.
Тоа, според него, ги потврдува неговите изјави дека новото раководство не се грижи ниту за Статутот, ниту за процедурите, ниту за членство, туку има намера да го однесе ССМ во стечај.
„Од доаѓањето на новото раководство долговите дополнително се зголемени за 1,5 милиони денари. Не се исплатени две плати. Се донесе одлука за гранковите синдикати да уплатуваат членарина кој колку може. Тоа значи само едно, дека се подготвува стечај за ССМ за да може да се продаде зградата која е на атрактивно место“, рече Муратовски. (МИА) |