Историска средба за иднината на светскиот театар
На Собранието на светската театарска мрежа „Интеракт“ присуствуваа директори на театри од 15 земји
„Културните текови во една земја претставуваат индикатор за свесноста на народот кој живее таму, како и придонесот кој тој го дава во заедничкото европско културно наследство“, истакна заменик претседателот задолжен за европски прашања, Ивица Боцевски, на вчерашното Собрание на светската театарска мрежа „Интеракт“. Боцевски во своето воведно обраќање, меѓудругото истакна дека токму драмската уметност има посебен придонес во македонската култура, особено во делот на влогот на Република Македонија во заедничкиот културен простор на Европа ослободен од сите вештачки бариери. „Овој настан е во согласност со напорите на земјите членки на ЕУ за организирање и промовирање културни форуми за развој и унапредување на политиките кои имаат за цел стимулација на културната афирмација на земјата“, рече Боцевски.
Основачкото собрание на театарската мрежа за меѓународна размена и продукција ќе се одржува и денеска во Скопје, а се формира на иницијатива на раководството на МОТ при Младинскиот културен центар. Оваа мрежа подразбира конекција на околу 40 независни прогресивни театри од над 15 земји од Европа, Америка и Азија. Мисијата на „Интеракт“ всушност, е продлабочување на спознанието за современиот свет, неговото претставување и иднина и тоа, како театарот може да биде негов активен репрезент во културната размена и обнова, преку работа на заеднички проекти. Во Скопје деновиве се присутни директори на театри и фестивали од 15 земји, од САД, Чешка, Полска, Бугарија, Турција, Англија, Литванија, Косово, Франција, Црна Гора, Литва, Италија, Албанија, Кореја, Грузија, Словенија, Романија, Хрватска и Македонија.
Ос��овачкото собрание го поздрави и раководителот на секторот за култура на Град Скопје, Тања Балаќ. „Културата, покрај тоа што создава духовни вредности, одамна ја има надминато улогата на нем придружник на општествените процеси и денес се повеќе важи за генератор на нови идеи, како главен фактор за развој воопшто, а една од тие идеи е оваа светска мрежа“, истакна Балаќ.
Домаќините, односно носителите на идејата за „Интеракт“, режисерот Дејан Пројковски, кој е и извршен директор на фестивалот „Млад отворен театар“ и Борис Момировски, директор на МКЦ, истакнаа дека во Скопје се формира една од најголемите светски театарски мрежи, со поврзувањето на 40 театри и фестивали од Европа, Америка и Азија.
„Нашата идеја беше со пријателите кои МОТ ги создаде во изминативе 33 години, да формираме мрежа каде што сите ќе можеме полесно и поедноставно да комуницираме и да ги минуваме тие првични бариери кои постојат во комуникацијата. Се надеваме дека на овој начин секој од нас кој што ја претставува својата земја ќе овозможи подобра презентација на уметниците и на културата од матичната земја“, истакна Пројковски.
„Ова е историска средба за иднината на светскиот театар и зависи од визијата, енергијата и посветеноста кон процесите во светскиот театар на двајцата иницијатори. Идејата заеднички да се создаваат нови вредности и да се трансформира човечката имагинација и животот е извонредна“, рече Џон Блондел од Санта Барбара, САД, и еден од носителите на идејата.
На собранието се очекува да биде донесен статут на мрежата чие седиште во наредните четири години ќе биде Скопје. (Т.И.) |