Изложба на чешкиот уметник Адолф Борн
Во организација на Министерството за култура, Националната галерија и Амбасадата на Република Чешка, вечерва во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во 20 часот, ќе биде отворена изложба на ликовниот уметник и еден од најпознатите чешки илустратори, Адолф Борн. Изложбата е наречена „Патувањата на Адолф Борн низ просторот и времето”, а истата доаѓа по реализираните авторови 150 изложби во Чешка и во странство.
Борн е познат и како графичар (со литографии во боја почнал околу 1964), карикатурист, автор на поштенски марки, сценарист, режисер, аниматор, сценограф, откривач на восхитувачки свет на оригинални ликови, бизарни животни...
Неговите илустрации на 380 книги, се сметаат за најдоброто во чешкото илустраторство, а како најубави се споменуваат илустрациите на „Робинзон Крусо“ (Даниел Дефо), „Маж со луле и виолина“ (Артур Конан Дојл), „Бајки“ (Жан де Ла Фонтен), „Сказни на браќата Грим или Пипи Долгиот Чорап“ (Астрид Линдгрен). Популарен е и во подрачјето на анимираниот филм, а во Чешка е познат по цртаните филмови „Маха а Шебестова“, прва приказна за двајцата ученици и волшебната телефонска слушалка, создадена во 1976 година.
Изложбата која ќе трае до 29 март, ќе ја отворат министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска, амбасадорот на Р. Чешка, Јозеф Браун и директорката на Националната галерија на Македонија, Маја Крстевска. (К.Б.) |