Малите средини ми ја вратија вербата
Директорката на „Мултимедија“, Виолета Симјановска, укажува дека локално работите во културата се менуваат побрзо
Катерина Богоева
Центарот за изведувачки уметности „Мултимедија“ од Скопје, неодамна го заврши проектот „Локален културен развој - Стратегии за културен развој во Македонија“, во чиј фокус беа општините Ресен, Дебар, Пробиштип, Велес и Струмица. Со помош на организацијата, тие ги дефинираа своите локални културни политики. Извршната директорка на „Мултимедија“, Виолета Симјановска во разговорот воден по завршувањето на проектот, посочи на добиените резултати, одговарајќи воедно на прашањето, кој од нив најмногу ја изненадил.
„Кога тргнуваме со некоја идеја во „Мултимедија“, која сакаме да ја реализираме во форма на проект или програма, секако дека имаме некои претпоставки, се разбира кои одат во позитивна насока. Во овој конкретен проект, очекувавме да се тргне со процесот на планирање на културниот развој во пет пилот - општини, вклучувајќи ги активно граѓаните во целиот процес. И знаејќи дека општините се на своите зачетоци (од 2005 - та, од отпочнувањето на децентрализацијата), не бевме сигурни до каде ќе одиме со процесот и дали ќе ги постигнеме крајните цели кои ги поставивме: општините сами да дојдат до пишан стратешки документ за својот културен развој и документот да добие свој легитимитет кај граѓаните и стратешкиот план полека да почне да се реализира во наредните неколку години.
Сега, кога го завршивме проектот и од кога ги направивме сите проценки и оценки околу истиот, може слободно да кажам дека тој беше успешен. Се направија пет стратешки планови за културен развој, сите општини спроведоа истражувања врз кои се темелат плановите, граѓаните активно се вклучија во креирањето на културните политики во своите средини. Општината Пробиштип отиде и најдалеку, тие го усвоија овој документ и пред Советот на градот имаа јавна трибина со граѓаните и очекуваат овој план да се спроведе во целост во наредните пет години. По завршувањето на овој проект Компендиум (www.culturalpolicies.net/), го препозна како добар пример за развој на општините преку културата“.
Проектот беше започнат во 2007 година и во него учествуваа градоначалниците на општините, претставници на локалните власти и на културните институции и НВО. Симјановска потенцира дека завршената програма била една од поуспешните во досегашното работење на организацијата. „Личниот ангажман и мотивираност на претставниците на целните групи беше круцијален за успешноста на проектот. Моето лично мислење е дека општините имаат потенцијал, имаат и желба да направат нешто за своите средини, така да оваа соработка меѓу сите сектори е неминовна. Се разбира дека има разлики во погледите, но за прв пат тие разлики реално се преточија на конструктивен начин во нешто заедничко, нешто што ќе биде во интерес за сите граѓани на една средина. И разликите можат да бидат креативни и иновативни. Тоа е една од пораките што може да ја дадеме од овој проект “.
Запрашана во предизборниов период, на што би им укажала на идните локални власти при креирањето на културните политики на општините, изјави:
„Прво да не ја занемаруваат културата генерално, туку да и дадат централна улога во развојот на своите општини. Да го препознаат креативниот и иновативниот потенцијал во своите средини и тој потенцијал да се канализира во добар план за развој. Потоа, тој план да се материјализира за да може придобивките од овој развој да ги почувствуваат сите што живеат во одредена средина, низ форми кои би им го направиле животот подобар, поинтересен и на крај посреќен и позабавен. Една од најбитните работи во овие процеси на креирање на политики, е да се вклучат граѓаните активно уште од самиот почеток. Да се слушне кои се нивните културни потреби, нивните проблеми и според тоа да се креира политика, а не да остане во рацете на неколку луѓе да одлучуваат за вака важен сегмент, што за жал, е практика во нашите општини“.
Добиените сознанија споредени со градовите од регионот и ЕУ, говорат дека поголемиот број македонски општини сеуште не ја препознале културата како важен или приоритетен сегмент, од кој може и економски значајно да се профитира.
„Се разбира дека за ова има многу причини, да бидеме реални, некои општини сеуште се борат со проблеми од типот на имање- немање вода или пат. Но, како и да е, не треба да чекаме да ги правиме работите една по една, туку треба да се почне да се размислува сега и овде, за утре и за по пет, или 15 години. Има многу позитивни но и негативни примери во ЕУ, во однос на развојот на градовите преку културата, во еден поширок контекст. Еве еден пример, Париз беше еден од најразвиените градови во однос на културата, особено во 70 -тите и 80 -тите години на минатиот век. Се градеа центри на култура (Жорж Помпиду), кои беа дел од еден модел на културна политика и имаа за цел да бидат отворени за сите граѓани на Париз. Но, во новиов век, Париз се соочи со страшни социјални немири, и кога се анализира сега политиката од 70 -тите и 80 -тите, се гледаат направените пропусти. Имено, не им било посветено внимание на жителите од предградието или од периферијата, кои тешко би стигнале на изложба или концерт во „Жорж Помпиду“. Дури сега, во Париз се размислува за културата во еден поширок контекст, каде може, и каде треба, таа да игра улога на кохезивна сила во општеството. Има многу примери од кои може да се учат и позитивните страни, но и да се биде попретпазлив со опасностите’.
Центарот за изведувачки уметности „Мултимедија“, продолжува со започнатата проектна идеја. Почнувајќи од јуни, членовите на оваа невладина организација ќе работат со други три општини од Македонија и со три од Косово, по истата методологија. „Но, би сакале наскоро методологијата да им ја презентираме на новите градоначалници и доколку тие сметаат дека е релевантна и добра за нивната општина, би направиле тимови кои би работеле заедно, на истиот принцип од претходно. Имаме печатен материјал за методологијата по која работевме, водич кој може да им користи на општините во нивниот развој“.
„Мултимедија“ постои повеќе од 10 години, период во кој се покренати и реализирани над 100 национални, интернационални и регионални програми и проекти. Дел од покренатите иницијативи се вод��ни и за прашања околу културниот сектор, направени се и „Дебати за културата“, во кои биле вклучени сите релевантни уметници, културни оператори, интелектуалци, па и политичари...
Запрашана за отценка на сегашната позиција, моќ и заинтересираност на невладините организации за менување на постоечката состојба во областа на културата, не само на локален план, Симјановска одговори: „Некако се уморивме, барем луѓето од мојата генерација што ја фативме транзицијата од самиот почеток. Се уморивме, од градење некакви кули, кои со само смена на дадена политичка гарнитура, се рушат како да се од карти, со само еден потег. Немам илузија дека може нешто круцијално и наскоро да се смени на национално ниво, барем во областа на културата. Но, да не завршам песимистички. Малите средини, локалната самоуправа, општините, ми ја вратија вербата во она што го работам. Видов дека на ова ниво работите се менуваат многу побрзо и поедноставно. Градоначалниците разбираат, дека ако не ги консултираат граѓаните и ако не направат нешто за да ги задоволат нивните потреби, во следниот круг нема да бидат гласани. Општините се поотворени за соработка, се превземаат конкретни чекори, па следуваат и конкретни резултати“. |