Близу половина од Македонците „висат“ на „Фејсбук“
СкопJе - Близу половина од граѓаните во земјава висат на „Фејсбук“, или над 740.000 луѓе, што е најголемиот дел од оние кои воопшто користат Интернет, односно околу еден милион жители.
Поточно, во Македонија во август годинава Интернет користеле 1.057.400 луѓе, или 51 отсто од вкупното население, а 742.400 биле приклучени на социјалната мрежа „Фејсбук“, покажуваат податоците на специјализираниот статистичка веб-страница „Интернет ворлд стат“.
Бројот на Интернет-корисници во Македонија во изминатите десет години се зголемил за 3.424 проценти, односно од 30.000 во 2000 година, на повеќе од милион во 2010.
Од земјите во регионот, повеќе од Македонците Интернет користат Словенците и тоа дури 64,8 отсто, како и Србите, при што 55,9 проценти од населението е на „нет“.
Зачудувачки, но Хрватите, за кои мислиме дека се помодерни од нас, помалку користат Интернет, и тоа 50 проценти од граѓаните. Грците се уште „позаостанати“ и само 46,2 отсто се на „нет“, а во уште полоша состојба се Црногорците, 44,1 процент од населението користи Интернет, Албанците со 43,5 отсто и граѓаните на БиХ со 31,2 проценти.
Во Европа, според „Интернет ворлд стат“, има 475 милиони корисници на Интернет. Процентуално глобалната он лајн мрежа најмногу се користи во Исланд, дури 97,6 отсто од граѓаните и Норвешка со 94,8 проценти, а најмалку во Ватикан со 11,2 отсто и Косово со 20,8 отсто. (Ек.Р.) |