Омилените парчиња облека сега ќе чинат многу повеќе
Се калкулира со скок на цените од 30 отсто во однос на лани и кај памукот и кај готовите производи
Александрија Стевковска
„ХиМ“, „Зара“, „Вондербра“ се само дел од брендовите што најавуваат поскапување на облеката која ја продаваат во претстојните месеци. Главен виновник за очекуваниот раст на цените на конфекцијата е цената на памукот која во светски рамки бележи неславни рекорди со своето нагорно движење. Суровината поскапува, што неизбежно со себе повлекува и поскапување на финалните производи, па кај и да е ќе треба или почесто да ја преперуваме долната памучна облека за да ја менуваме или ќе треба повеќе пари да издвојуваме од семејниот буџет за набавка на маици, боди, килоти.
Се калкулира со скок на цените од 30 отсто во однос на 2009 година и кај памукот и кај готовите производи, што претставува највисоко ниво на цените во последните 15 години. Така ако минатата година памукот се плаќал по 1,8 евра за тон, сега за истата количина на памук треба да се искешира по 2,15 евра. Станува збор за голем скок, кој има тенденција на натамошен раст. Дел од производителите на текстилни производи спасот од високите цени го гледаат во замена на памукот со полиестер, само да ги задржат пониските цени на крајните производи, што не е, сепак, решение на проблемот, бидејќи луѓето кои користат памучна облека тешко дека ќе се преориентираат кон друг суровински состав на облеката.
Глобалните случувања ги засегаат и текстилците во земјава. Сметаат дека ќе дојде до намалување на обемот на работа, што ќе повлече нови отпуштања и повисоки цени на облеката, бидејќи земјава нема суровини, а резервите се пред исцрпување.
„Македонија малку увезува памук како суровина, бидејќи нема свое производство на брендови и претежно работи лон, но и она што го работиме има промени на цената. Имено, метражата е поскапена, па за да не дојде до качување на цените на крајните производи, нарачателите на порачките не' притискаат да ги намалиме цените на доработката. Сепак, тоа има граници и не може да оди во недоглед, па неминовно ќе повлече поскапување на цените на крајните производи. Последниов период има поскапување од 15 отсто на памукот, но во последнава година зголемувањето сигурно е до 30 отсто“, вели Ангел Димитров, сопственик на светиниколската конфекција „Мода“.
Текстилците се убедени дека нема шанси да се заобиколи поскапувањето на текстилните производи, бидејќи се работи за светски тренд.
„Апсолутно е сигурно дека ќе има зголемување на цените на текстилните производи, бидејќи цената на памукот оди нагоре, посебно кај новите нарачки на текстил. Кај нас ударот на поскапувањето нема да биде многу јак, бидејќи ние работиме со материјали кои ни ги испраќа оној кој прави нарачки, но онаму каде што се прави сопствен производ, веднаш се забележува дека има зголемување на цените на репроматеријалите“, вели Марјана Перковска, претседател на Кластерот за текстил.
Основна причина за растот на цената на памукот е лошата и слаба берба на оваа култура во Кина, Индија и во Пакистан, каде што поплавите уништија 4,25 милиони хектари површини под памук. Станува збор за најголемите земји производители и извозници на памук, кои сочинуваат 25 отсто од вкупните приноси. Сега очите на текстилците се свртени кон Грција каде што ќе има берба на памук, за да се види дали тоа ќе може да ја ублажи состојбата на пазарот со снабдување, но првичните информации говорат дека и тамошната берба на оваа култура ќе биде послаба од лани. Тоа алудира дека нема фактор што би ја ублажил состојбата со растечките цени на суровината за производство на облека.
Трговците предупредуваат дека побарувачката на пазарот на текстилни производи поради кризата е слаба и бараат производителите сами да се справат со ситуацијата и да го решат проблемот, без да ги покачат цените на готовите производи.
Во Македонија, во последните пет години текстилното производство е во континуиран пад. Само лани извозот бил понизок за 9 отсто во однос на 2008 година. Бројот на вработени во овој сектор се намалил за над 3 илјади. Сега во текстилната индустрија во земјава работат 35 илјади лица, чии плати некаде изнесуваат и помалку од 100 евра месечно.
Текстилците очекуваат трендот на опаѓање да продолжи и годинава и во 2011 година, бидејќи склучиле за 10 отсто помалку договори од лани. |