Мистериозна оставка на директорот на ЈП „Исар“
ШТИП - Тема на сите политички муабети во Штип е мистериозната оставка на Васко Арсов од директорската функција во „Исар“ по петнаесетмесечно раководење на ова јавно претпријатие. Во кулоарите се говори дека Арсов, кој заминува за Скопје како советник на министерот за земјоделство, всушност, бил присилен да даде неотповиклива оставка. Како силен грев, според чаршијата, бил тој што Арсов конкурира�� за претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Штип и што не го послушал раководството да ја повлече кандидатурата. Имено, директивата од централата во Скопје била за друга личност, за Трајче Димков, раководител на затворот во Штип, кој од пред една недела и официјално стана општински лидер на владејачката партија.
Градоначалникот на Штип, Зоран Алексов, во кусото писмено соопштение испратено од неговиот кабинет до медиумите вели дека за оставката на Васко Арсов дознал од медиумите, бидејќи во тоа време бил на годишен одмор. Но, оставката ја прифатил, а во најскоро време ќе бил избран нов директор, соопштува Алексов.
Инаку, извештаите за работата на „Исар“ редовно беа прифаќани од Советот на Општината. Во последните интервјуа за локалните медиуми Арсов укажуваше дека за време на своето раководење долговите на јавното претпријатие ги намалил од 62 на 17 милиони денари и дека за првпат по долго работење со загуба, „Исар“ остварил добивка од 662.000 денари. Потоа дека наплатата на потрошената вода била зголемена од 61 на 73 проценти и дека претпријатието навреме ги сервисирало финансиските обврски со што била избегната опасноста од блокада на сметката. (И.Б.) |