Број 3361  среда, 18 август 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Политика

ИНТЕРВЈУ

Хирургија треба да биде единствена

д-р Јордан Савевски

Не ме интересира политика и кој е на власт, туку тоа што здравството од година во година тоне: професор по медицински науки и реномиран трауматолог

Јасмина Јовановска

Професоре Савевски, како ��стакнат трауматолог и поранешен декан на Медицинскиот факултет, како ги коментирате реформите што се спроведуваат во Клиничкиот центар?

Реформи на Медицинскиот факултет постоеја уште кога Клинички центар го сочинуваа две ООЗТ. Заради поекономско и поевтино работење и намалување на администрацијата и на работничките совети, тогашните власти направија обемна интеграција наречена Клинички центар. Работите беа наредени за здравството да просперира. Преку Деканатот имаше инвестициски фонд, кој прво почна да ги гради клиниките за инфективни болести, за педијатрија, кардиологија, хирургија. Тој фонд се растури. Се изгради Хирургија со 18 операциони сали, посебна сала за инфицирани рани во подрум, соба за тетанус, за аеробна инфекција, центар за дезинфекција на кревети како основна алка за отстранување интрахоспитални инфекции. Но, тој центар не се отвори, таму сега има бифе. Не ме интересира политика и кој е на власт, туку тоа што здравството од година во година тоне. Кога ќе го споредам со комшиските здравствени системи во бивша Југославија, Трауматологија беше една од водечките клиники, прва почна со операции на ’рбет, на карлица, станавме референтен центар. Таму каде што бев поканет како професор, прашуваа како вие во Скопје имате толку случаи, кога ние уште не сме почнале. Сега кога ќе споредам, тие се инструктори, а ние постепено ги губиме патиштата за развивање, се занимаваме со ваква или онаква интеграција.

Дали трансформацијата на Клинички центар беше погрешен чекор?

Многу работи и дезинтегрирања го донесоа здравството на пониски гранки. Се донесе одлука клиниките да бидат посебен правен субјект, а кога се градеше Хирургија, се правеше како целина. Има еден водомер, еден струјомер, лифтови што ги користиме сите, има многу заеднички дејности, операционите сали се заеднички. Анестезијата, КАРИЛ и Ургентниот центар се сервис, не може да бидат правни субјекти. А Ургентниот центар стана правен субјект. Кој сега прегледува таму? Ургентниот центар не прима пациенти, туку прифаќа за дијагностицирање, кои потоа одат на право место за лекување. Ако има повредена глава - на Неврохирургија, ако е стомак се праќа на Абдоминална хирургија, а ако се градите повредени, се праќа на Торакална хирургија. Хирургија е целина и не може да се раздвои. Одеднаш се пресече хируршките клиники да бидат посебни правни субјекти. И што се случува. На пример, влегува пациент во Ургентен хируршки центар. Прегледот што го правам го наплаќа Ургентниот центар. Се слика на рендген - се наплаќа на Институтот за рендгенологија. Треба крв, се плаќа на Трансфузија, на Анестезија се прави ЕКГ и таму се плаќа. Што ќе помисли пациентот, за каква куќа станува збор кога на секој шалтер оди и плаќа.Тоа ли е ефикасност?!

Според Вас, кое е решението?

Хирургија била и треба да остане целина. Во еден момент, потребен ни е неврохирург, во друг случај јас како трауматолог ќе им затребам ним, но како ќе се ревидираат парите. На пример, ме викаат на Неврохирургија да се фиксира ’рбетен столб и ќе употребиме шрафови. Пациентот лежи на Неврохирургија, а кога ќе дојде фискалната сметка, треба да се раздолжи преку Трауматологија. Тоа не оди. Порано за пациентот бевме целина, а клиниките имаа потсметки. Хирургијата треба да биде една и единствена.

Сега Владата повторно се обидува да ги спои хируршки клиники. Дали е исправна одлуката за формирање национален ургентен траума-центар со спојување само на четири клиники?

Треба да се направи разлика. Траума и ургентен центар не се исто, траума е само еден дел од Ургентниот центар. Значи, не може од овие четири клиники да се формира национален ургентен центар. Згрижувањето на повредените треба да е на четири нивоа. Најдолното треба да биде во Крива Паланка, Струга, Кавадарци, таму каде ништо не се прави од хирургија, туку само треба да даде прва помош и да може да го транспортираат. Не е само каде ќе се лоцира Ургентниот центар, тој покрива два милиона луѓе. Како објект треба да има најмалку 1.000 операции годишно, а овде на Хирургија има од 2.000 до 3.000 операции. Мора да ги има сите супспецијалности од Хирургија. Ако се повредени повеќе системи, тоа се политрауматизирани пациенти, нив ги лекуваме тимски, а Хирургија е тим. Местото на тој траума-центар од прв степен е овде на Хирургија, но не национален ургентен центар. На министерот многу му е јасна таа идеја, направи работна група, ја прошета цела Македонија и' направивме карта и како ќе флуктуираат пациентите. Пациент политрауматизиран од Крива Паланка, со дишни патишта, имобилизиран и со венска линија дирекно се носи во траума-центарот. Но, ако има само скочен зглоб, не мора да дојде овде, ќе оди во Куманово, во Штип. За Македонија се доволни два, три до четири центри од втор степен и пет до шест од трет степен.

Ако има концепт и хируршка карта, како сега одеднаш излезе сосема поинаква одлука?

Прашувам каде е местото на Неврохирургија, на Торакална или на Пластична во ова здружување. Сето заедно повторно прераснува во центар од прв степен, но не ургентен, туку траума-центар.

Очигледно дека одлуката е контрадикторна со концептот што сте го договарале со министерот?

Одговорно тврдам дека овие четири куќи не можат да ги задоволат светските критериуми за траума-центар од прв степен. На Неврохиорургија, Абдоминална, Торакална, секаде ќе се најде по некој хирург што вели дека ние сме успешна приказна. Ние може да сме успешна приказна ако ги има сите специјалности, потребна е интеграција на сите хируршки клиники во една куќа. Кога бев шеф на Ургентен центар, сфатив дека тој е предворје и тука не се при��аат, туку се прифаќаат пациентите и се префрлаат на клиниката каде што треба да се лекуваат.

Како ја оценувате работата на сегашниот Ургентен центар, кој работи самостојно?

Не може медицински извештај за пациентот да дава хирург без лиценца, значи не може специјализант да дава извештај. Не може на извештајот на хирург со 30 години искуство од Битола, кој го пратил пациентот во Ургентен хируршки центар, специјализант да прави уште еден извештај. А за жал, сега таму има и општи лекари. И во меѓувреме се прават дијагностички процедури од кои нема потреба. Ургентниот хируршки центар треба да служи и за едукација. Тука треба специјализантот да го научи првиот шев, се разбира, покрај специјалист.

Што му порачувате на министерот?

Како хирург не верувам дека му паднало напамет да ги дистанцира другите хируршки клиники од траума-центарот за тој успешно да работи. Решението е да се спојат сите хируршки клиники и со свои тимови да партиципираат во ургентниот центар. Зашто во спротивно, како ќе се поделат ако има еден водомер, како во една куќа. Сигурно ќе се скараат.

Што мислите за односот меѓу приватното и јавното здравство?

Приватното здравство го има во сите држави и треба да го има и кај нас. Со конкуренција треба да се дојде до квалитет. Меѓутоа, не смееме да бидеме сведоци на постепено растурање на јавното здравство и да дојде до степен да се одржува социјален мир. Треба да биде конкурентно со целата инфраструктура. Слушам ќе дојде убав пакет од Владата, компјутерска томографија, магнетна резонанца, ќе се обноват хируршките столови, кои се купени во 1992 година. Потребни се исти услови за јавното и за приватното здравство. Ми пречи кога клиниките се обвинуваат на телевизија како што беше со двата случаја од Берово и од Кичево. Како можело за случајот од Берово да се прескокне Клиничката болница во Штип, или за тој од Кичево да се прескокне Клиничката болница во Тетово. Па нели сме исти? Во такви случаи треба да истрча и приватното здравство. Тие пациенти можеби не се убави, но и тие треба да се решаваат, не може само јавното здравство да го чува социјалниот мир.


#
Статијата е прочитана 1215 пати.

Испрати коментар

Од: doktor na hirurgija
Датум: 18.08.2010 01:45:34
cestitam profesore, 100 % ste vo pravo!
Од: JELENA
Датум: 18.08.2010 07:20:45
Treba da se veruva na ovoj prekrasen covek,na kogo mu go dolzam mojot zivot ,a se nadevam i iljadnici drugi pacienti go pomnat po toa ,treba da se pocituva negoviot trud i iskustvo oti toa go pokaza na delo kako uspesen covek koj bese dekan ,hirurg i nema crni damki vo negovata kariera -poslusajte lugje od vlasta sto vi veli i iskoristete go negovoto iskustvo za revitalizacija vo zdravstveniot sistem......pozdrav do dr.savevski i golema,golema blagodarnost
Од: gjorge zelen germanija
Датум: 18.08.2010 08:38:22
bravo profesore pozd
Од: kris
Датум: 18.08.2010 11:45:21
Професоре нема што вие да кажувате!!! Има да биде како што ќе каже ВМРО-ДПМНЕ и Бичиклискиот на пресс конференција..... и ТОЧКА...
Од: jas
Датум: 18.08.2010 16:53:01
Profesorot e potpolno vo pravo, no kaj nas takvi luge ne se prasuvaat za vazni odluki, no tie sto gi nosat vaka nepromisleni i nezreli odluki koga im treba usluga za nekoj blizok vednas gi naogaat lugeto kako Prof. Savevski. Togas zaboravaat na politika. Dodeka na svoja koza ne osetat sto napravile so zdravstvoto nema podobruvanje.

Најди! во Утрински
Политика
Несреќата на македонски студент ја разбуди хумана Америка
Мистериозна оставка на директорот на ЈП „Исар“
Ортопедија ќе ја задржи стручната самостојност
Тодоров ќе побара чистење на каналот
Неизвесна наставата во тетовското училиште
Нема цитостатици во битолска Онкологија
Александар Цане Здравковски
Вахабити испеале песна за Бин Ладен