Ортопедија ќе ја задржи стручната самостојност
Јасмина Јовановска
Клиниката за ортопедија ќе ја задржи стручната самостојност. Вака се договориле ортопедите и министерот за здравство, Бујар Османи, на понеделничната попладневна средба.
Првиот лекар во државата не отстапува од првичната одлука на Владата за формирање на новата клиника, која ќе здружува четири клиники, со што вели дека притоа нема да биде загрозена самостојноста на Ортопедија. „Се договоривме дека во статутот на новата клиникаa ќе се задржат самостојноста во стручниот дел, нема да биде чепната катедрата“, изјави министерот Османи, кој спомена дека е можна холдинг-форма на организирање на клиниката. Ортопедите, пак, се уверени дека за самостојноста на клиниката нашле заеднички јазик со министерот. Но, за да може клиниката да функционира и дa набавува потрошни материјали, ортопедите сметаат дека e потребно да има своја потсметка и да не се избрише од Централниот регистар. Тие се согласиле со министерот дека заради подобра финансиска конструкција, потребно е економско здружување, но не на четири клиники, туку и на сите други хируршки клиники.
„Министерот и заменик-министерот за здравство ќе направат консултации со правната служба на Министерството и ќе изнајдат решение за измена на донесената владина одлука објавена на 5 август 2010 година“, се вели во известувањето од Клиниката за ортопедија.
Министерот Османи не кажа дали ќе се менува одлуката и не одговори како ургентниот центар стана клиника, но рече дека ова спојување е прв чекор кон реализирање на програмата за ургентна медицина. Чија е идејата за вакво здружување, министерот не откри, туку рече дека за формирање на новата клиника се консултирани експерти и е направен елаборат и концепт. Османи потенцира дека е запазена законската постапка и го повтори ставот на премиерот Никола Груевски. „Владата ги здружува и раздружува здравствените установи и така е направено и во овој случај“, укажа министерот.
|